
Приказната за пештерата Врело во Матка, која со длабочината од 338 метри постави три светски рекорди, врвни алпинистички филмови, женски приказни од планината и теми за природата и климатските промени се дел од програмата на 17. издание на ЕХО – Фестивалот на планински филм, што ќе се одржи од 26 до 30 октомври во Младинскиот културен центар во Скопје. Една од посебните содржини на овогодишното издание на ЕХО ќе биде презентацијата на Спелеонуркачкиот клуб Врело за меѓународната експедиција во подводната пештера Врело, во Матка, која истражувањето го продолжи до длабочина од 338 метри и постави три светски рекорди.
Фестивалот ќе биде отворен на 26 октомври во 19 часот, во киното Фросина на МКЦ со проекција на филмот Фрост: Приказна за еден цел живот. Во текот на петте фестивалски дена, покрај филмската програма, публиката ќе има можност да присуствува и на презентации на гости, разговори, работилници и други придружни настани. Со тоа ЕХО продолжува да создава простор за средба на филмаџии, алпинисти, планинари, екологисти, истражувачи, уметници и публика што сака да ги запознае различните приказни поврзани со планината.
ЕХО 17 ќе содржи филмски проекции и придружна програма што ги обединуваат алпинизмот, планинарењето, екологијата, културата и животот во планинските предели. Фестивалот и оваа година носи меѓународна селекција на филмови што ја прикажуваат планината од различни перспективи – како простор за големи спортски подвизи и лични предизвици, но и како дом, природно наследство и дел од културниот идентитет на многу заедници.
Особено силен дел од програмата се алпинистичките филмови, со приказни за големи искачувања, ризикот, границите на човечките можности и односот меѓу човекот и планината. Значајно место имаат и жените во планинарењето и алпинизмот, преку филмови што ги претставуваат нивните искуства, избори и достигнувања во средини во кои традиционално доминирале мажите. Еколошките филмови, пак, отвораат прашања за климатските промени, чувствителноста на планинските екосистеми и одговорноста кон природата. Програмата не се ограничува само на спортските достигнувања, туку ги истражува и планинските заедници, локалните традиции, културното наследство и начините на кои луѓето живеат со планината. Во селекцијата се застапени и скијањето и сноубордингот, како дел од разновидната култура на планинските спортови“, информираат организаторите.

Македонски

