Зборуваме за нешто што значи одговорност кон државниот имот, но и одговорност за потребите и намената на државата. Неодговорно е да имате опозиција која што во изминатите години не направи ништо во однос на државниот имот. И тоа што беше направено, го остави на заборав на времето – вака изјави портпаролката на Владата, Марија Митева по најавите на директорот на СОЗР, Ивица Томовски за размислува во насока за набавка на нов, макар и половен владин авион и обвинувањата од страна на СДСМ.
Митева објасни зошто Владата размислува за набавка на нов воздухоплов со кој ќе се превезуваат функционерите во странство.
-Неспорен е фактот што имавме претседател загинат во авионска неесреќа. Неспорен е фактот што имавме претседател врз кој што беше извршен обид за атентат и дека секоја држава треба да размислува како да ги намали овие ризици. Мораме да размислуваме за интересите на државата со разум и одговорност, а не со политика, рече портпаролката на Владата на прес-конференција во Владата.