Skip to main content

Обвинителството: Нема злоупотреби во набавката на модуларните болници

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не утврдило злоупотреба на службената положба ниту друго кривично дело во постапките за јавни набавки поврзани со изградбата на 19 модуларни болници.

По извршените проверки и анализа на прибраната документација, обвинителството оценило дека нема основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик, ниту за друго кривично дело кое се гони по службена должност.

Предметот бил оформен на 10 септември 2021 година по иницијатива на ОЈО ГОКК, со цел да се провери документацијата и начинот на кој биле спроведени набавките за модуларните болници.

Во рамки на проверките била прибрана документација од Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии – Бирото за јавни набавки, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Владата, ОЈО Тетово и други институции. Биле анализирани постапките за јавни набавки, техничките спецификации, договорите, проектната документација и законската регулатива.

Според обвинителството, во периодот од април до јуни 2020 година биле спроведени три постапки за обезбедување дополнителни капацитети на здравствениот систем за справување со пандемијата од КОВИД-19. Набавките се однесувале на монтажни контејнери кај Клиниката за инфективни болести во Скопје, немедицинска опрема за Регионалниот ковид-центар и формирање монтажно-модуларен амбулантско-поликлинички оддел за потребите на Клиниката за пулмологија и алергологија.

Била анализирана и набавката на модуларните монтажни контејнери во рамки на Проектот за итно справување со КОВИД-19, финансиран со заем од Светската банка. Постапката била спроведена според правилата на Светската банка, преку барање понуди на меѓународниот пазар.

Бирото за јавни набавки, како што наведува обвинителството, потврдило дека во ваков случај не се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки, бидејќи станува збор за набавки спроведени според правила на меѓународна организација.

Предмет на проверка била и законската регулатива за изградбата на модуларните објекти. Јавниот повик бил објавен на 13 октомври 2020 година, а договорот бил склучен на 30 ноември истата година. Во меѓувреме, со измените на Законот за градење објавени на 24 ноември 2020 година, модуларните градби наменети за здравствена дејност биле опфатени меѓу градбите за кои не е потребно одобрение за градење.

Од прибраната документација произлегло и дека дел од јавните здравствени установи имале решенија од Министерството за здравство за поставување на модуларните градби, како и соодветна проектна документација.

Обвинителството ја разгледувало и документацијата поврзана со активностите на Светската банка по пожарот во модуларната болница во Тетово. Во октомври 2021 година биле посетени објекти во Гостивар, Струга, Прилеп, Велес и Штип, при што била проверувана усогласеноста со проектните стандарди, безбедноста и противпожарната заштита.

Според документацијата, тимот на Светската банка потврдил дека постапката за набавка била спроведена во согласност со правилата на банката, а испорачаната стока одговарала на утврдените технички спецификации.

По анализата на целокупната документација и извршените проверки, обвинителството не утврдило факти кои би упатувале дека службено лице ја искористило или пречекорило службената положба или овластување, или не ја извршило службената должност со цел да прибави значителна имотна корист или да нанесе значителна штета.

Поради тоа, надлежниот јавен обвинител оценил дека не постојат основи на сомнение за кривично дело кое се гони по службена должност и дека нема место за натамошно јавнообвинителско постапување по предметот.

Поврзани вести