
Значајни археолошки локалитети, споменици и подрачја од особено културно и природно значење во земјата добиваат современа мрежа за детекција на пожари, зајакнувајќи ја нивната противпожарна заштита, а паралелно на противпожарната служба ѝ овозможуваат непосредна оперативна слика во случај на избувнување пожар, информираа од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција за поставувањето 22 системи за рано откривање пожари во археолошките локалитети и споменици во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Во осум археолошки локалитети во Грција веќе се поставени и функционираат вакви системи, до крајот на месецов предвидено е да бидат пуштени во функција уште шест, а во текот на септември се планира да следат и последните осум.
Систем за рано откривање пожари и противпожарна заштита се поставени во едни од главните археолошките локалитети во Грција како што се Мистра, Епидаур, Микена, Дион, Платамонас, античка Олимпија, а ќе се постават и на Акропол, Свет Гора, Делфи, Самотраки, Тасос итн.
Откако ќе бидат поставени сите 22 системи ќе бидат целосно оперативни, создавајќи широка мрежа за надзор и рано предупредување, имаат можност за рано откривање евентуални жаришта, автоматски ќе активираат известувања и во реално време ќе испраќаат слика и податоци до оперативните центри.
Информациите што ќе ги испраќаат комбинираат податоци од термални и оптички камери со можност за ротирање од 360 степени, камери со далечинско управување и приказ на мапа на кој се означуваат откриените жаришта, времето на активирање на алармот и состојбата на опремата.
Капацитетот на новиот систем веќе е потврден во пракса, за време на пробната фаза на неговото функционирање. Поконкретно, при пожарот што избувна на 31 јули 2026 година во Фихтија, Арголида, во опсег на надзорот на системот во Микена, жариштето беше откриено од системот за детекција на пожари, што автоматски активираше известување, обезбедувајќи му на Координативниот контролен центар слика и податоци за настанот, информираа од надлежното Министерство.
Проектот, што се реализира во рамките на Националната програма за цивилна заштита, финансиран од европскиот Фонд за закрепнување и отпорност, опфаќа и метеоролошки станици, регионални и координативни центри за контрола, како и преносни противпожарни топови на избрани локации за непосредно справување со пожарите. (МИА)

Македонски


