Skip to main content

Охрид изминатиов викенд беше во знакот на Фолтин и винилот „FOLTIN LIVE“: Продолжува звукот пред големиот јубилеен концeрт

Јубилејната година на Фолтин продолжува да се движи низ градовите, низ музиката и низ луѓето со кои три децении ја споделуваат својата приказна.

Изминатиов викенд Охрид беше една од станиците на Фолтин. Во KULT културен центар се одржа слушачка промоција на FOLTIN LIVE, двојниот винил со кој концертната енергија на Фолтин продолжува да живее и надвор од сцената. Албумот се слушаше на врвен звук обезбеден од инженерингот на „ТЕОХАРОВ”, во амбиент создаден за внимателно, заедничко слушање и уживање во аналогниот звук.

Во неделата, приказната продолжи на винил саемот Охрид 33/45, каде во Шила Кафе & Бар посетителите имаа можност да го погледнат и да го набават лимитираното издание FOLTIN LIVE. Од првите 150 рачно нумерирани и потпишани примероци, останаа уште последните количини, наменети за оние кои музиката сакаат да ја имаат и во нејзината физичка, аналогна форма – колекционери, аудиофили и долгогодишни пријатели на Фолтин.

Следното аудиофилско слушање го закажуваме во Битола, на 26 август, во новиот продажен салон на Божиновски часовници и накит – Галерија Божиновски, каде FOLTIN LIVE ќе добие уште една можност да биде слушнат онака како што е замислен – внимателно, гласно и со време посветено само на музиката.

Во меѓувреме, календарот полека се приближува до 29 август и Хераклеа каде ќе се случи големото јубилејно собирање – концертот со кој Фолтин ќе одбележи 30 години од својот прв концерт и ќе го затвори Битфест 2026.

Поврзани вести