
При крајот на јули, американската јавност беше шокирана кога го проследи сведочењето на Ентони Фаучи, поранешниот директор на инфективниот институт НИАИД и главен медицински советник на претседателот Трамп за време на Ковид епидемијата, во Сенатот. Сенаторите го повикаа Фаучи да го сослушаат за периодот кога имаше огромна моќ врз животите и економијата на САД и на целиот свет, и кога еден негов имаше тежина на глобален декрет. Соочен со прашања за овој драматичен период за светот, Фаучи одбиваше да одговори и на секое прашање возвраќаше со извежбан одговор – нема да одговорам бидејќи одговорот може да ме изложи на кривична одговорност. Некои од сенаторите дури почнаа на шега да го прашуваат која боја му е вратоврската, но и на ваквите прашања Фаучи одбиваше да одговори.
Очигледниот страв од правни последици кај Фаучи е дотолку по-чуден ако се има предвид дека, на еден ден пред враќањето на Трамп на власт, тој доби бланко помилување од претседателот во заминување Џо Бајден за сите можни кривични дела што ги направил во текот на пандемијата и во периодот почнувајќи со 2014 година.
Јавноста засега остана без одговори од доктор Фаучи на клучните прашања за потеклото на Ковид вирусот и како САД и светот се справија со него, но, од друга страна, актуелниот американски секретар за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор е автор на книга, насловена „Вистинскиот Ентони Фаучи“, во која во детали се осврнува на постапките на веројатно највлијателниот доктор во историјата.
Кенеди, потомок на легендарната американска политичка династија, во својата книга го обвинува Фаучи за масовна корупција, ускратување на ефикасни лекови од болните од Ковид, промовирање на опасни и неефикасни лекарства и вакцини поради финансиски профит и политизирање на функцијата која ја држел. Во три продолженија ќе ги пренесеме најзначајните тврдења на Роберт Кенеди изнесени во неговата книга „Вистинскиот Ентони Фаучи“.
Во својата книга посветена на Ентони Фаучи и Ковид пандемијата, Роберт Ф. Кенеди ја претставува стапката на смртност од коронавирусот во неколку држави при крајот на септември 2021. САД убедливо водат на оваа црна листа, со 2.107 смртни случаи на милион заболени, следени од Шведска, Иран и Германија, кои иамат од 1.126 до 1.444 смртни случаи. Држави како Јапонија и Јужна Кореја забележале само 139, односно 47 смртни случаи на милион заболени, додека и многу неразвиени држави како Виетнам и Кенија исто така имале многу подобри резултати од САД.
Според Кенеди, причината за овој драматичен неуспех на САД да се справат со болеста е свесно погрешниот пристап кон болеста, кој покрај САД, го копирале и низа други држави, пред се во развиениот свет.
Во првото продолжение, претставивме како Кенеди гледа на одбивањето на американските власти да дозволат масовно користење на лекови како ивермектинот и хидроксихлорокинот кои, според него и експерти цитирани во книгата, можеле да го сузбијат ширењето на болеста во првите денови по заразувањето. Актуелниот секретар за здравство на САД особено ја критикува одлуката овие лекарства да не се поделат низ домовите за стари лица во САД, каде инфекциите на Ковид-19 ги покосија штитениците.
Гувернерот на државата Њујорк Ендру Куомо и другите демократски гувернери ги држеа карантинските установи празни за да имаат резерва на слободни кревети во очекување на поплавата од пациенти која ја предвидуваа погрешните модели за ширење на болеста, измислени од две организации финансирани од Бил Гејтс, чии тврдења беа беспоговорно промовирани од доктор Фаучи, по се изгледа како дел од кампања да се создаде паника во јавноста. И така, додека карантинските центри седеа празни, овие гувернери ги праќаа постарите пациенти назад во преполните старечки домови, каде што ја ширеа болеста меѓу најранливото население. Доктор Харви Риш посочува дека половина од смртните случаи во Њујорк и една третина низ целата држава беа меѓу постарите лица сместени во домовите“, вели Кенеди.
Освен што третманот на лицата во јавните установи бил погрешно воден, Кенеди вели дека здравствените власти на САД им забранувале на матичните лекари да ги лекуваат пациентите како што сметале дека е најсоодветно – со лекови како ивермектин даден во првите денови по појавата на симптомите, во домашни услови.
Лекарите кои сами препишуваа ивермектин по почетокот на септември се соочија со растечки притисоци и строги тактики, вклучувајќи цензура, закани дека ќе останат без лиценца, како и други репресивни политики од владите и медицинските одбори.
Аптеките, вклучувајќи ги и големите синџири како Си-Ви-Ес и Волмарт, одбија да издаваат рецепти. „За првпат во историјата, властите им кажуваа на лекарите кој лек можат, а кој не можат да го препишуваат“, вели доктор Питер Меккалог. Директивите го разбија традиционалниот свет однос меѓу лекарите и пациентите што професијата го негуваше и заштитуваше уште од времето на Хипократ. Медицинската професија долго време им кажуваше на лекарите дека нивната единствена обврска е кон нивните пациенти. Но, нивната нова беше како агенти на државната политика. Државната политика почна да препишува терапии не врз основа на здравствените интереси на пациентот, туку врз основа на претпоставените интереси на државата, вели Кенеди.
Една од тактиките која, според Кенеди, била користена за да се поткопа употребата на хидроксихлорокинот и ивермектинот било организирањето на спорни испитувања – во едно од нив, Кенеди вели дека фондацијата Бил и Мелинда Гејтс финансирала истражување во Бразил каде на пациенти им биле давани хидроксихлорокин, ивермектин и други лекови кои се проверувале како ефикасни против Ковид-19. „Но, испитувањето се вршеше меѓу население кое веќе масовно користеше ивермектин. Пациентите кои беа во контролната, пласебо група, можеа слободно да купат ивермектин во аптека, со што не можеше да се утврди ефикасноста на лекот кај пациентите кои го примале. Претставниците на универзитетот МекМастер, кои го водеа истражувањето, беа свесни дека ако дадат позитивна оценка за ивермектинот, ќе загубат донации вредни стотици милиони долари. Истражувањето го водеше Ед Милс, дизајнер на медицински истражувања на Бил Гејтс, кој има длабок конфликт на интереси со фармацевтските компании и е позната ‘биоститутка’“, вели Кенеди.
Но, покрај ускратувањето на ефикасните лекови кои би можеле да им помогнат на постарите лица, еднакво проблематично, според Кенеди, е инсистирањето на Фаучи да се користат скапи лекови и набрзина креирани вакцини, кои со себе носеле голем број несакани последици. Мерк (кој имал патент на ивермектинот но тој истекол во 1996 година) и Фајзер почнале трка кој побргу ќе развие нов лек сличен на хидроксихлорокинот и ивермектинот, но со нов патент, поради што ќе може да се продава по далеку повисока цена. Еден од овие лекови бил паксловидот, изработен и одобрен во рекорден рок од гигантот Фајзер. Според Кенеди, овој лек бил до очигледна копија на ивермектинот што „критичарите почнаа да го викаат Фајзермектин“.
Но, Кенеди особено остро се осврнува на лекот ремдесивир – веклури, развиен во 2009 година од компанијата Гилеад како лек за хепатитис Ц, а потоа користен против еболата. Според Кенеди, овој лек бил толку штетен, што во болниците, наместо ремдесивир, го добил името „run, death is near“ – бегајте, смртта е блиску. Основен проблем со овој лек, според секретарот Кенеди, е неговата токсичност која се одразува пред се на работата на белите дробови и бубрезите. Сепак, американските здравствени институции водени од Фаучи, одобриле негова употреба против Ковид-19 во итна постапка.
Во мај 2020 година, лекарите од Њујорк почнаа да даваат ремдесивир по појавата на позитивни ПЦР тестови. Уште во мај, лекарите почнаа да се чудат зошто Ковид-19 предизвикува на пациентите да им откажат бубрезите – симптом што ниту еден друг респираторен вирус не го предизвикува. Лекарите почнаа да забележуваат акутно откажување на бубрезите уште во третиот, четвртиот или петтиот ден по приемот на пациентот. На болниците на кои им фалеа вентилатори за дишење, почнаа да им снемуваат и апарати за дијализа, пишува Кенеди, кој го цитира доктор Рајан Кол како тврди дека вистинската причина за бубрежните проблеми кај пациентите не бил вирусот туку лекот ремдесивир.
Кенеди цитира студија што самиот Фаучи ја направил во 2019 година, кога ја испитувал ефикасноста на ремдесивирот против ебола, каде на 31 процент од пациентите им откажале бубрезите. „Осум проценти од сите пациенти починаа или беа на раб на смрт од откажување на повеќе органи или бубрезите во рок од само пет дена како примаа ремдесивир. ‘Можеби не е случајност што видовме толку многу пациенти да починат и од Ковид-19 во првата недела од третманот’, вели доктор Кол“.

На 9 ноември 2021 година, кога оваа книга оди на печатење, на интернет страницата на Центарот за контрола на болести се наведува дека само два лека се одобрени за лекување на Ковид-19, ремдесивир и кортикостероидот дексаметазон. Лекарите често ги користат двата лека заедно. Тешко е да се процени ефектот на ремдесивирот врз хоспитализираните пациенти, делумно затоа што – како и вирусот Ковид-19 – ремдесивирот предизвикува екстремна токсичност во белите дробови и бубрезите и имитира неколку други смртоносни симптоми на Ковидот. Многу лекари сметаат дека рекордно високата стапка на смртни случаи од Ковид-19 во нашата земја е барем делумно поради масовната употреба на ремдесивир во 2020 година. „Имавме најмногу смртни случаи во светот“, вели доктор Кол. „Тоа е едно прашање кое не прогонува: Колку од овие Американци беа жртви на ремдесивирот?“
Во врска со вториот пристап на доктор Фаучи кон справувањето со коронавирусот – вакцините – секретарот Кенеди има две клучни забелешки. Првата забелешка е поради опасноста новонаправените вакцини да предизвикаат „патогено предизвикување“- прекумерна реакција на имунолошкиот систем на пациентот која се случува кога вакцинираниот човек ќе дојде во контакт со вирусот.
Во раните експерименти, вакцините против коронавирусот предизвикаа силен имунолошки одговор и кај животните и кај децата – што ги охрабри научниците – но потоа вакцините трагично ги убиваа примателите по изложеност на дивиот вирус, или ги направија ранливи на уникатно опасни инфекции. На почетокот на 2020 година, највлијателните комесари во вакцинологијата предупредија на оваа стапица, откако доктор Фаучи истури милијарди долари од државниот буџет да ги натера фармацевтските компании да прават вакцини против Ковид со рекордна брзина, вели Кенеди.
Во своето сведочење на 5 март 2020 година пред Комитетот за наука, вселена и технологија на Претставничкиот Дом за коронавирусот, платениот гласноговорник на Бил Гејтс, доктор Питер Хотез предупреди дека има потенцијален проблем со безбедноста на ковид вакцините. Хотез призна пред комитетот дека во 1966 година неговите колеги убиле одреден број деца со патогено предизвикување за време на експериментите со вакцините против респираторниот синцицијален вирус (РСВ) и раскажа дека за време на неговата претходна работа на вакцините против коронавирус, го видел истиот ефект врз животните, додава Кенеди.
Според секретарот за здравство на САД, по секоја рунда вакцинирања, доаѓало до нов бран на смртност кај пациентите, кој, според критичарите на вакцините, се должи пред се на „патогеното предизвикување“. Кенеди посочува истражување на универзитетот Џонс Хопкинс од Балтимор според кое „јасно се покажува дека смртните случаи од Ковид-19 обично нагло се зголемуваат во многу земји веднаш по масовната вакцинација“.
Кенеди вели дека овие резултати се неспорни и покрај тоа што истражувањето на Џонс Хопкинс било финансирано со десетици милиони долари од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, а универзитетот примил над милијарда долари од јавните здравствени институции под контрола на Ентони Фаучи.
Освен нивната штетност, Кенеди се противи на вакцините развиени против Ковид-19 и поради нивната неефикасност. Тој посочува една крајно несериозна студија, во која вели дека имало група од 22.000 лица кои добиле вакцина, и 22.000 кои биле контролна група и не добиле вакцина. „Во текот на тие шест месеци, две лица во контролната група починаа од Ковид, а само едно лице во вакцинираната група. Бидејќи два е 100 проценти поголемо од 1, Фајзер технички можеше да каже дека вакцината се покажала 100 проценти поефикасна. И медиумите го пренесоа ова неверојатно тврдење на Фајзер, иако на вистинските виролози ќе им беше јасно дека намалувањето на смртноста за едно лице од 22.000 е незначително“, вели Кенеди.
Втората забелешка на Кенеди во врска со вакцините е инсистирањето да им се даваат на деца, кои инаку се под многу низок ризик од вирусот Ковид-19, но сепак можат да добијат несакани последици од вакцината. Според Кенеди, студија на списанието Лансет покажала дека ризикот од Ковид-19 кај децата е практично нула.
Од друга страна, „моделот на Стив Кирш процени дека до септември 2021 година 600 деца починале од вакцините против Ковид-19. Едно од девет деца кои беа вакцинирани во рамките на клиничка студија имаа сериозна реакција поради која не можеа да ги вршат дневните обврски. Како можеме да го оправдаме вакцинирањето на здраво дете со вакцина за која знаеме дека ќе повреди многумина, а ќе убие некои од децата, а притоа не нуди никаква заштита?“, пишува Кенеди, кој смета дека бројот на младинци кои настрадале од вакцините против Ковид-19 е секако повисок од бројот на децата.
Ковид вакцините што беа одобрени за итна употреба вклучуваат нови платформи како што се мРНА и ДНК моделите, без утврден безбедносен профил. Некои од вакцините користат токсични додатоци како сквалин и алуминиум или нови додатоци со докажани ризици и потенцијално високи стапки на сериозни повреди. Двомесечните клинички испитувања што се користеа да се одобри итната употреба на Ковид вакцините беа премногу кратки за да откријат болести кои се со подолги периоди на инкубација. Вакцините се толку ризични што осигурителната индустрија одби да ги осигура, а производителите одбиваат да ги произведуваат без целосен имунитет од кривично гонење. Бил Гејтс, кој е главен инвеститор во многу од овие нови Ковид вакцини, наведе дека нивниот ризик е толку голем што нема да им ги даде на луѓето освен ако секоја влада не го заштити од одговорност, пишува Кенеди во книгата „Вистинскиот Ентони Фаучи“.
Секретарот Кенеди вели дека до ноември 2021 година, свитата научници околу доктор Фаучи успеале да скријат од американската јавност дека „вакцините на Фаучи ниту ја спречуваат болеста ниту нејзиното пренесување, а притоа убиваат и рануваат рекорден број Американци. Постојаното објавување на застрашувачки и намерно надуени извештаи за смртни случаи од Ковид-19 предизвикуваше страв од зараза што ги убеди многу Американци да веруваат во мантрата на владата дека вакцините против КОВИД се „безбедни и ефикасни“ и дека, дури и да не се, сепак „прават повеќе добро отколку штета“.
Накусо, требаше да правиме се обратно од тоа што го правевме. Тешко е да се посочи една одлука која беше исправна, Кенеди го цитира кардиологот Питер Меккалог.

Македонски


