
На 38-та „Поетска ноќ во Велестово“ ќе настапат дваесетина поети, музичари и уметници од шест земји – Ирска, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија и Македонија.
Програмата на поетскиот фестивал ќе почне на 21 август, во 21 часот, во Велестово со поетскиот портрет на Јовица Ивановски, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, по што ќе следува „Имаго“ ‒ интернационално поетско читање, на кое ќе настапат поетите од странство.
Истата вечер, од 22:30 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово ќе биде отворена изложбата на акварели на Ивана Настески под наслов „Флора“.
Следните два дена ќе се одржат книжевни промоции на пет стихозбирки од Павле Горановиќ од Црна Гора, Томица Бајсиќ од Хрватска, Звонко Карановиќ од Србија, Маја Ручевиќ Карановиќ од Хрватска и Вероника Димоска од Македонија, како и уште две интернационални поетски читања „Мозаик“, едното во Охрид во „Лапидариум“, а завршното поетско читање ќе се одржи во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово на 23 август, на кои, покрај споменатите поети, ќе настапат и Моли Туми од Ирска, Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија, како и домашните поети: Викторија Ангеловска, Диме Ратајкоски, Тони Попов, Никола Наумовски, Ива Шајноска, Звонко Димоски, Илко Димитриевски, Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски.
Во програмата е предвиден и кус музички концерт на Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија (кавал и електрична гитара), како и организирано разгледување на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“. Дизајнот на постерот за годинашното издание на фестивалот е на Андреј Павлов.

Македонски


