Skip to main content

Четири места во Црна Гора совршени за септемвриски одмор

Морето во Црна Гора на почетокот на септември обично е доволно топло за пливање, додека дневните температури се попријатни отколку во текот на јули и на август. Гужвите се помали, а многу сместувачки капацитети нудат попристапни цени.

За секој што сака одмор без бучава, редици и преполни плажи, септември може да биде вистинското време за патување. Понекогаш е доволно да се најде место каде што можете да ги чуете само брановите и штурците и да сфатите дека ова е токму одморот што ни беше потребен, пишува српски „Мондо“, препорачувајќи ги овие четири места за одмор на Јадранот:

1. Петровац – мал град со долга плажа и опуштена атмосфера

Петровац е едно од местата што го покажува своето најубаво лице во септември. Шеталиштето е потивко, рестораните се сè уште отворени, а морето е пријатно за пливање. Семејствата го сакаат Петровац поради добро организираната градска плажа, близината на Лучица и можноста за лесни излети. Вечерите се пријатни, без големите гужви и бучавата што се карактеристични за врвот на сезоната. Петровац е особено добар избор за оние кои сакаат комбинација од море, прошетки и опуштен одмор.

2. Добра Вода – чисто море и повеќе мир отколку во големите центри

Помеѓу Бар и Улцињ има место кое многумина го избираат токму поради чистото море и донекаде помирната атмосфера. Во септември, плажите се многу помалку посетени, па затоа е полесно да го пронајдете вашето катче покрај морето. Ова место им одговара на луѓе кои сакаат едноставен одмор, пливање и уживање без премногу гужви. Добра Вода станува сè попопуларно меѓу семејствата и паровите во последниве години.

3. Пржно – мало крајбрежно место полно со шарм

На само неколку минути од Свети Стефан, се наоѓа мало рибарско село кое многумина го сметаат за еден од најубавите делови на црногорскиот брег. Пржно во септември нуди она што многумина го бараат, мир, мали плажи, ресторани покрај морето и опуштена атмосфера. Тука, деновите минуваат побавно: утринско кафе со поглед на морето, пливање во топлиот Јадран и вечерни прошетки без гужви.

4. Луштица – скриени ќошиња и кристално чисто море

За оние кои сакаат нешто поинакво, полуостровот Луштица може да биде вистинскиот избор. Луштица е позната по своите мали заливи, чистото море и мир што е тешко да се најде во големите туристички центри. Септември е идеално време за истражување на овој дел од брегот, бидејќи нема големи гужви, а температурите се пријатни за пливање и долги прошетки.

Поврзани вести