
Валандово деновиве живее во знакот на уметноста. Во рамки на 29. издание на Меѓународната ликовна колонија „Валандово 2026“, во градот творат уметници од Македонија, Турција, Грција, Албанија и Бугарија, претворајќи го Домот на културата во вистинско уметничко ателје.
Учесниците на годинешната колонија беа и на прием кај градоначалникот на Општина Валандово, Ѓоко Камчев, каде што во пријатна и непосредна атмосфера разговараа за уметноста, творештвото и значењето на оваа традиционална културна манифестација.
Градоначалникот Камчев на уметниците им посака пријатен престој и успешна работа во Валандово, со желба градот и годинава да биде нивна инспирација за создавање на нови вредни уметнички дела.
Вредните раце на уметниците интензивно создаваат, а белите платна пред нив добиваат живот преку бои, форми и различни уметнички изрази. Инспирирани од Валандово и Валандовско, тие создаваат дела кои ќе останат како трајна уметничка вредност во сопственост на градот.
На приемот се разговараше и за иднината на колонијата, како и за претставувањето и изложувањето на создадените ликовни дела на големи изложби, со што уметничката продукција од Валандово ќе биде достапна за пошироката јавност.
Посебно внимание беше посветено и на 30. јубилејно издание на Меѓународната ликовна колонија, кое се очекува да донесе дополнителна содржина и посебен белег во долгогодишната традиција на оваа значајна културна манифестација.
Сите љубители на уметноста се добредојдени да го посетат ликовното ателје и да ѕирнат во магичниот свет на уметниците – таму каде што инспирацијата се претвора во боја, а бојата во дела што остануваат.
Валандово не е само домаќин на уметноста. Овие денови – Валандово е уметност.

Македонски


