
Националниот џез оркестар вчера го објави своето прво дискографско издание – албумот „Македонски сновиденија (Macedonian Dreams)“.
Со голема радост од оркестарот го претставија албумот како свое прво издание, кое е снимено во Fame’s Institute и од вчера е достапно за слушање на Spotify и на останатите дигитални платформи.
„Македонски сновиденија“ воедно е објавен и како прво физичко издание на Националниот џез оркестар, во CD-формат. Од оркестарот најавуваат дека наскоро ќе следува и винил изданието, а дополнителни информации за датумот и начинот на набавка на CD-то и винилот ќе бидат објавени во наредниот период.
Албумот е реализиран под диригентската палка на Владимир Николов, додека за аудио миксот и мастерингот се погрижил Ангел Ќосев.
„Од првите концерти до нашето прво издание – ви благодариме што сте дел од оваа приказна“, порачаа од Националниот џез оркестар по повод објавувањето на албумот.
Со „Македонски сновиденија“, Националниот џез оркестар отвора ново поглавје во својата приказна, оставајќи го својот прв музички запис како трајно сведоштво за досегашната работа и развој.
Албумот „Македонски сновиденија (Macedonian Dreams)“ може да се слушне на Spotify и на останатите дигитални платформи. Уживајте!

Македонски


