
Суб. Спец. д-р Игор Маљковиќ од Белград, Србија, искусен пластичен и реконструктивен хирург со долгогодишно искуство во лекувањето на најсложените случаи на изгореници заедно со тим од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија извршиле сложена реконструктивна операција кај еден од најтешко повредените пациенти од пожарот во Кочани, објави Клиниката на својот профил на социјалните мрежи.
По иницијатива на директорката на Клиниката, прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, била организирана експертска посета од страна на Суб. Спец. д-р Игор Маљковиќ, искусен пластичен и реконструктивен хирург со долгогодишно искуство во лекувањето на најсложените случаи на изгореници. Неговото учество претставува значаен придонес во планирањето на следните фази од лекувањето.
Операцијата беше резултат на тимска работа и професионална соработка помеѓу д-р Игор Маљковиќ и прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, прим. д-р Тренчев, Ас. д-р Нацеска Ѓорѓевска, Ас. д-р Јовановски, спец. д-р Максутлар, спец. д-р Трајков, како и специјализантите д-р Ставриќ, д-р Шемов и д-р Пејоска, д-р Ончев, со поддршка од анестезиолошкиот тим, операционите медицински сестри и целиот персонал на Клиниката.

Во пожар во дива дискотека во Кочани во март 2025 година загинаа 63 млади луѓе, а околу 200 беа повредени.
Лекувањето на пациентите со тешки изгореници не завршува со спасувањето на животот или зараснувањето на раните. Напротив, тогаш започнува долго и комплексно патување исполнето со реконструктивни операции, рехабилитација и постепено враќање на функцијата, самостојноста и квалитетот на живот. Водејќи се од оваа цел, на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје беа реализирани повеќедневни стручни консултации за понатамошниот третман на пациентите повредени во трагичниот пожар во Кочани, велат од Клиниката.
Иницијативата има за цел примена на современите принципи на реконструктивната хирургија и размена на знаење и искуства со врвни експерти од регионот, истовремено потврдувајќи дека грижата за пациентите од Кочани останува еден од главните приоритети на Клиниката.
Во текот на посетата беа извршени детални прегледи и стручни консултации за секој пациент, при што беа дефинирани индивидуални планови за етапно реконструктивно лекување. Секој случај беше разгледан од аспект на функционалното закрепнување, можностите за понатамошни оперативни зафати и очекуваните резултати.
Грижата за пациентите со тешки изгореници бара знаење, искуство, трпение и пред сè, тимска работа. Успехот не се мери само со успешно изведената операција, туку и со секој следен чекор кој му овозможува на пациентот повторно да ги користи своите раце, да се врати во секојдневниот живот и да ја врати надежта за иднината. Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија останува посветена на обезбедување континуирана, современа и холистичка здравствена грижа за пациентите повредени во пожарот во Кочани. Со посветеноста на специјалистите, професорите, специјализантите, медицинските сестри и останатиот здравствен персонал, како и преку соработка со врвни експерти од регионот и светот, Клиниката продолжува да го гради патот кон постигнување максимални резултати за секој пациент, велат од Клиниката.

Македонски


