
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес од Струмица соопшти дека е постигнат договор меѓу земјоделците, откупувачите и преработувачите за откупната цена на ајварската пиперка.
Според договореното, ајварската пиперка ќе се откупува по цена од 40 денари за прва класа, 30 денари за прва-втора класа и за индустриска класа, и 15 денари за пиперка класифицирана како најниска класа. Новите цени ќе почнат да се применуваат од утре, по известувањето на откупните центри од страна на преработувачите.
„Како ресорен министер и претставник на Владата, сакам да ја уверам јавноста дека секогаш сме на страната на земјоделците. Сметаме дека нивниот труд и квалитетот на производите што ги нудат треба да бидат соодветно вреднувани и платени“, изјави министерот Серафимовски.
Информираше дека договорот е резултат на повеќедневни средби и разговори со земјоделците, откупувачите и преработувачите. Во процесот беше вклучена и Македонската асоцијација на преработувачи, а на состаноците беа разгледани сите расположливи информации, состојбите на теренот и ставовите на засегнатите страни.
„Процесот беше макотрпен, но дојдовме до заедничко решение за цената на пиперката. Земјоделците заслужуваат вложениот труд да им биде вреднуван и навремено исплатен по завршувањето на бербата“, нагласи министерот Серафимовски.

Македонски


