
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денеска во Струмица разговараше со производителите на ајварска пиперка за текот на откупот и за забелешките што ги имаат во однос на пласманот на произведените количини. На средбата беа разгледани состојбите на откупните пунктови, примената на договорените цени и почитувањето на утврдената класификација.
-Овде луѓето реално се загрижени за пласманот на своите производи. Затоа Министерството, претставниците на локалните самоуправи и Државниот инспекторат за земјоделство сме присутни за непосредно да ги согледаме проблемите со кои се соочуваат, изјави министерот Серафимовски.
На средбата беше потсетено дека на 13 август беше постигнат договор меѓу производителите, откупувачите и преработувачите, според кој цената за прва класа изнесува 40 денари за килограм, за прва-втора и за индустриска класа 30 денари, а за шкарт 15 денари за килограм. Притоа министерот Серафимовски потенцираше дека Државниот инспекторат за земјоделство континуирано го следи откупот, при што во досегашните контроли не се констатирани неправилности.
-Инспекторатот е редовно на терен и проверува дали откупот се врши согласно договорените цени и утврдената класификација. Доколку бидат констатирани неправилности, ќе се постапи согласно сите законски надлежности, нагласи министерот Серафимовски.
Производителите на средбата посочија дека на дел од откупните пунктови не се почитува договореното, поради што од страна на министерот Серафимовски беше најавено дека ќе бидат извршени дополнителни проверки кај откупувачите и преработувачите, со цел да се утврди дали има отстапувања и кои се причините за нив.
-Доколку договорот е нарушен, тоа за нас е сериозна работа. Повторно ќе ги преиспитаме состојбите во откупните центри и кај преработувачите. Државата во овој процес ги следи двете страни и мора да утврди дали договореното доследно се почитува, рече министерот Серафимовски.
Тој најави нова средба со Асоцијацијата на преработувачи и со најголемите компании што вршат откуп во Струмичкиот регион, како и со преработувачите што треба да го започнат откупот во Прилепскиот регион. Целта е сите отворени прашања да бидат разгледани на заедничка маса и да се обезбеди непречено продолжување на откупот.
-Државата не ја определува цената, бидејќи станува збор за пазарен однос. Но, она што било договорено мора да се испочитува. Маката на земјоделецот и трудот што го вложил треба соодветно да се вреднуваат и да се наплатат, истакна министерот.
Тој посочи дека по завршувањето на бербата ќе се пристапи кон подготовка на подолгорочни решенија, преку законски и подзаконски акти и со активно учество на земјоделските здруженија.
-Не е добро истиот проблем да се повторува секоја година. Иако зависиме и од движењата на странските пазари, мора да го уредиме она што е во рамките на нашите можности. Само така земјоделците ќе имаат поголема сигурност, а производството ќе се развива во насока на повисок квалитет и поголема конкурентност, порача министерот Серафимовски.
Пред средбата со производителите, министерот Серафимовски и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, посетија повеќе откупни пунктови за пиперка во Струмичкиот регион, каде што непосредно го проследија текот на откупот, примената на договорените цени и начинот на класификација на предадените количини.

Македонски


