Skip to main content

„Фајненшл тајмс“: Украина ги запре нападите врз танкери што го користат руското пристаниште Новоросијск по барање на САД

Украина ги запре нападите со беспилотни летала врз танкерите за нафта што го користат руското пристаниште Новоросијск, постапувајќи по директно барање на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, објави британскиот весник „Фајненшл тајмс“.

Според пишувањето на весникот, САД побарале од Украина веднаш да ги прекине нападите поради сериозна загриженост дека тие ги дестабилизираат глобалните пазари на нафта и им нанесуваат финансиска штета на американските компании. Нападите на Киев беа насочени кон танкери што превезуваат сурова нафта од Казахстан до извозниот терминал на Каспискиот цевководен конзорциум (КТК) во пристаништето Новоросијск.

Неименуван американски официјален претставник изјави дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја предупредила украинската влада „да ги прекине и да се воздржи“ од напади врз пловила во Црното Море кои не се во руска сопственост, како и од напади врз целата инфраструктура на КТК, бидејќи Вашингтон го смета овој конзорциум за клучна алтернатива на руските енергетски испораки.

Од САД потврдија дека Украина се обврзала да не ги напаѓа објектите на КТК и бродовите што пловат кон извозните терминали на конзорциумот, под услов пловилата да не се под директни украински санкции.

Украинската армија во изминатиот период ги интензивираше нападите врз руската енергетска инфраструктура за да ѝ ги намали финансиските средства на Москва за водење на војната. Поради нападите со дронови во Црното Море, изминатиот месец било нарушено извршувањето на една петтина од операциите за полнење на танкерите на терминалите на КТК.

Казахстан, кој во најголема мера се потпира на КТК за извоз на својата сурова нафта, минатиот месец забележа пад на производството од 14 проценти во споредба со јуни.

Американските енергетски гиганти „Шеврон“ и „Ексон мобил“ се меѓу најголемите западни компании што работат во овој регион на Црното Море.(МИА)

Поврзани вести