Skip to main content

Пентагон: Во американските воени операции во 2025 година загинале 153 цивили

Во американските воени операции во текот на 2025 година загинале 153 цивили, а 243 биле ранети, изјави денеска американски официјален претставник, повикувајќи се на најновиот извештај на Пентагон доставен до Конгресот на САД.

Според извештајот, сите регистрирани цивилни жртви во 2025 година биле последица на три американски воздушни напади во Јемен, каде што армијата на САД изведува операции за уништување на воениот потенцијал на бунтовниците Хути, кои уживаат поддршка од Иран. Ова претставува драматичен скок во споредба со претходната година, кога во американските воени операции беа евидентирани по двајца загинати и ранети цивили.

Во годишниот извештај на Министерството за одбрана на САД не се опфатени жртвите од американските напади во акваторијата на Карибите и во источниот дел на Тихиот Океан. Во овие региони американските сили изведуваат напади врз пловила за кои тврдат дека пренесуваат наркотици, а нивните екипажи ги означуваат како „нарко-терористи“.

Според јавно достапните податоци објавувани по секоја од тие операции, во нападите на море заклучно со септември 2025 година биле убиени повеќе од 200 луѓе.

Меѓународните организации за заштита на човековите права, меѓу кои „Хјуман рајтс воч“ и „Амнести интернешнл“, оценија дека ваквите воени напади врз цивилни и трговски пловила се незаконски и претставуваат кршење на меѓународното право.(МИА)

Поврзани вести