Skip to main content

„Мета“ и „ТикТок“ предизвикуваат зависност кај децата: Судот во Сан Франциско даде зелено светло за над 3.000 тужби

Американскиот федерален апелациски суд ги отфрли жалбите на компаниите „Мета“ и „ТикТок“ против одлуките на пониските судови, со што правосилно овозможи да продолжат постапките по повеќе од 3.000 тужби во кои се тврди дека социјалните мрежи им нанесуваат сериозна штета и предизвикуваат зависност кај младите корисници.

Тричлениот совет на Апелацискиот суд на САД за Деветтиот округ со седиште во Сан Франциско пресуди дека нема надлежност во оваа фаза од постапката да ги разгледува одлуките на понискиот суд. – Членот 230 само обезбедува заштита од одговорност, а не имунитет од тужба – изјави судијката Жаклин Нгуен во одлуката на советот, отфрлајќи ги барањата на „Мета платформс“ и субјектите поврзани со „ТикТок“, како и условните противжалби поднесени од групи тужители.

Оваа одлука овозможува непречено да продолжи обединетата федерална мултидистриктна судска постапка, со која раководи главната американска окружна судијка Ивон Гонзалес Роџерс во Северниот округ на Калифорнија. Според Судскиот совет на САД за мултидистриктна постапка, до 3 август во оваа обединета постапка беа во тек дури 3.137 случаи, од вкупно 3.312 вклучени од самиот почеток.

Обединетата постапка опфаќа тужби поднесени од поединци, државни обвинители, училишни окрузи и локални власти. Тужителите тврдат дека платформите биле намерно дизајнирани за поттикнување зависничко однесување кај децата и адолесцентите, дека не вршеле соодветна проверка на возраста, им овозможувале на младите да ги заобиколат родителските контроли и не ги заштитувале од штетни содржини. Меѓу обвинетите компании во различните постапки се „Мета“, „Гугл“ и „Јутјуб“ во сопственост на „Алфабет“ , сопственикот на „ТикТок“ — „БајтДенс“ (ByteDance), како и сопственикот на „Снепчет“ — „Снеп“ (Snap).

Како дел од оваа постапка, изборот на поротата во судењето против „Мета“, кое го покренаа обвинители од повеќе сојузни држави, треба да започне утре (среда) во Оукланд, Калифорнија, додека воведните зборови се закажани за 18 август. Во постапката се тврди дека „Мета“ ги прекршила федералните и државните закони, вклучително и Законот за заштита на приватноста на децата на интернет, со воведување функции на Фејсбук и Инстаграм што им наштетиле на децата. Компанијата ги отфрла сите наводи.

Во меѓувреме, Апелацискиот суд го отфрли како беспредметно и итното барање на „Мета“ за запирање на претстојното судење. Деветтиот окружен апелациски суд го отфрли клучниот аргумент на компанијата заснован на Членот 230 од Законот за пристојност во комуникациите — кој ги штити интернет-услугите од одговорност за содржини создадени од трети страни — оценувајќи дека овој член не им дава право на компаниите целосно да ги избегнат судските процеси.

Судот наведе дека „Мета“ ќе може да ги оспорува одлуките во врска со Членот 230 дури откако понискиот суд ќе донесе конечна пресуда.(МИА)

Поврзани вести