
Популарното македонско поп-дуо Дупер синоќа, одржа спектакуларен концерт во преполниот Антички театар во Охрид. Гитаристот Борис Какуринов и вокалистот Илчо Нечовски приредија незаборавна вечер исполнета со силни емоции и автентична енергија, за која пред присутните изјавија дека сонувале цели осум години.

Настанот, кој помина во знак на нивниот препознатлив инди-поп звук, привлече урбана и доминантно млада публика од сите делови на државата. Древниот театар ечеше од хорското пеење на фановите кои безпрекорно ги знаеја текстовите на сите песни од почеток до крај.
Атмосферата ја достигна кулминацијата со изведбата на нивните најголеми хитови како „Не сум твој тип“, синглот со кој дебитираа на сцената во 2018 година, најновиот хит „Може, може, може“, како и емотивните балади „Некажано“ и „Дупер ѕвезда“.
Како специјален гостин на нивниот прв голем концерт на оваа престижна летна сцена се појави младата и талентирана пејачка Бојана Арсовска, а по неа сцената ја делеа со Јанг Дади и Пере.
Мистичниот амбиент на Античкиот театар во Охрид му даде посебна димензија на концертот на Дупер.Сместен во срцето на стариот дел од градот,овој вековен локалитет понуди совршен спој на античка историја и модерен инди-поп звук. Камените амфитеатрални трибини и природната акустика на просторот создадоа интимна атмосфера, каде секој тон и емоција допреа директно до публиката под отворено небо. Мешањето на светлосните ефекти со древните ѕидини придонесе за вистинско визуелно и слушно доживување.
Дупер со синоќешниот концерт го потврди статусот на едно од најважните имиња на современата македонска музичка сцена.


Македонски


