
Меѓународниот Aеродром Скопје и Aеродромот Св. Апостол Павле Охрид продолжуваат да рушат рекорди.
Во првите девет месеци од 2026 година, двата македонски аеродрома, со кои управува ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми членка на групацијата АДП, опслужија вкупно 3,3 милиони патници (3.331.685), што претставува зголемување од 29% во споредба со истиот период во 2025 година.

Истовремено, бројот на летови во периодот од јануари до септември достигна вкупно 22.147, што е зголемување од 10% во споредба со минатата година.
Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија, изјави:
„Резултатите постигнати во првите девет месеци од 2026 година се силна потврда за позитивниот тренд во македонската авијација, при што вкупниот број на патници достигна 3,3 милиони, што претставува годишен пораст од 29%. Овој пораст се одрази и на ранг-листата на ACI-Europe според која Македонија во август беше рангирана како втор најбрзо растечки авијациски пазар во Европа. Би сакал искрено да им се заблагодарам на вработените на аеродромите за нивниот професионализам, напорна работа и посветеност, како и на Владата, авиокомпаниите како наши партнери и сите засегнати страни кои придонесуваат кон континуираниот пораст на македонскиот авијациски сектор. Очекуваме овој позитивен тренд на импресивен двоцифрен пораст на авиосообраќајот да продолжи, но нашата амбиција оди подалеку од порастот на бројот на патници. Посветени сме на комбинирање на одржливиот пораст со извонредноста во квалитетот на услугите и искуството на патниците, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги исполнуваат највисоките меѓународни стандарди.“

Македонски


