
Претседателот на Нигерија, Бола Тинубу, денеска соопшти дека во најголемата еднодневна акција за спасување што досега ја спровеле безбедносните сили на земјата биле ослободени најмалку 308 лица кои претходните месеци биле киднапирани во повеќе напади на северот од Нигерија.
Како што наведе Тинубу во соопштение, меѓу ослободените се 163 луѓе киднапирани во февруари од заедницата Воро во областа Кајама, во сојузната држава Квара, како и 145 лица кои главно биле киднапирани во сојузната држава Нигер.
Тинубу оцени дека станува збор за „најголемата акција за спасување некогаш изведена во еден ден“ во Нигерија.
„Успешното спроведување на оваа операција водена од разузнавачките служби ја покажа сè поголемата ефикасност и соработка на нашите безбедносни служби. Им оддавам признание на храбрите припадници на нашите вооружени сили и безбедносни служби за нивната храброст и непоколеблива посветеност на заштитата на животите на граѓаните на Нигерија“, наведе Тинубу.
Нигерискиот претседател не изнесе детали за операцијата во која беа ослободени повеќе од 300 луѓе кои со месеци беа во заточеништво, наведувајќи само дека се пронајдени во шумско подрачје и дека во моментов им се дава медицинска помош.
Киднапирањата на ученици и други цивили се чести во Нигерија, каде што вооружените групи користат киднапирања за да извршат притисок врз властите и да изнудат откуп. На северозападот и во централниот дел на северна Нигерија вооружени банди редовно вршат напади и киднапирања за откуп. (МИА)

Македонски


