
Европската Унија е во контакт со мароканските власти за решавање на кризата со огромниот број мигранти кои ја преминаа границата кон шпанската енклава Сеута – изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Еврокомесарката за Средоземјето, Дубравка Шуица е во контакт со колегите во Мароко. Уверена сум дека нашето блиско партнерство со Мароко ќе помогне да се постигнат конкретни резултати“, напиша Фон дер Лајен во објава на социјалната мрежа Икс.
Претседателката на ЕК оцени дека снимките кои пристигнуваат од Сеута се „неприфатливи“.
„Не можеме да дозволиме никој да влезе во нашата ЕУ без да ги почитува нашите правила“, додаде Фон дер Лајен.
Мигрантската криза во Сеута ескалираше откако десетици илјади луѓе од Мароко во изминатите денови се обидоа илегално да влезат во шпанската енклава по копнен и морски пат. Шпанските власти започнаа координација со Мароко за враќање на лицата кои влегле незаконски, додека безбедносните сили го засилија присуството на границата.(МИА)

Македонски


