Skip to main content

Хамас потврди дека е постигнат договор за негово разоружување

Хамас потврди дека е постигнат договор за втората фаза од примирјето со Израел, за разоружување на движењето и на другите милитантни групи во Појасот Газа.

Членот на преговарачкиот тим на Хамас, Гази Хамад изјави дека се направени „отстапки за доброто на нашиот народ во Појасот Газа, за да го спасиме од смрт и раселување“.

Тој додаде дека разоружувањето на Хамас е поврзано со повлекувањето на израелските сили од Појасот Газа.

– Нема да преземеме никакви чекори кон разоружување пред Израел да се повлече од Појасот Газа … Израел нема да се меша во прашањето за разоружувањето. Тоа е задача на Мировниот комитет, посочи Хамад.

Договорот е постигнат на средбата на лидерите на Хамас со медијаторите од Египет, Катар и Турција во Каиро за втората фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа.

Израел сè уште официјално не го коментираше постигнатиот договор. Но, американски неименуван претставник наведе дека Израел е „многу скептичен“ дека Хамас ќе го положи оружјето.

Претходно, Трамп на сопствената социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека постигнат договор за целосно разоружување на Хамас и другите милитантни групи во Појасот Газа.

– Овој договор е клучен чекор кон тоа Газа конечно да биде управувана од нова палестинска влада, која ќе соработува со Мировниот комитет за да му помогне на палестинскиот народ, објави Трамп на сопствената социјална мрежа „Трут соушл“.

Тој додаде дека во исто време „Израел ќе ја добие безбедноста што ја заслужува, а Газа повеќе нема да се користи како база за терористички напади.

Трамп договорот, што ќе се спроведува во фази, го оцени како голем пресврт.

– Кога ќе биде завршено разоружувањето, израелските сили ќе се повлечат, а Меѓународните сили за стабилизација ќе соработуваат со новата палестинска полиција за да се осигурат дека Газа е безбедна за нејзините жители и нејзините соседи, наведе Трамп.

Тој додаде дека според договорот, Појасот Газа „конечно ќе биде во рацете на нова палестинска влада, која ќе му служи на својот народ“.

Но, не се објавени детали од договорот за разоружување, а исто така е непознато колку долго би траел процесот.

Мировниот план од 20 точки, презентиран минатата есен, веќе доведе до прекин на огнот и размена на израелски заложници за палестински затвореници. Војната почна на 7 октомври 2023 година по терористичкиот напад на Хамас врз Израел, при што загинаа околу 1.200 Израелци. Потоа Израел жестоко ја нападна палестинската енклава. И покрај примирјето израелската армија речиси секојдневно напаѓа цели во Појасот Газа, при што, а според палестинското Министерство за здравство на Појасот Газа, убиени се повеќе од 70.000 Палестинци.

Поврзани вести