Skip to main content

Со инвестиција од 74 милиони евра за реконструкција и проширување на Клиничката болница во Тетово, објави Перински

Новиот директор на Фондот за здравство Златко Перински денеска заедно со министерот за здравство д-р Сашо Клековски, градоначалникот Биљал Касами и делегација на Светска банка, ја посетија Клиничката болница Тетово, каде, како што објави тој, се зборувало за концептот за реконструкција, проширување и опремување на оваа здравствена установа.

Станува збор за инвестиција вредна околу 74 милиони евра, со која се предвидува модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок, изградба на нови објекти за повеќе медицински дејности и набавка на современа медицинска опрема, објави Перински додавајќи дека со реализацијата на проектот ќе се создадат подобри услови за здравствена заштита на сите жители од Полошкиот регион.

Перински потенцира дека овој проект има пошироко значење за целиот здравствен систем, затоа што со зајакнувањето на капацитетите на Клиничката болница Тетово ќе се намали притисокот врз Универзитетскиот клинички центар во Скопје, а здравствените услуги ќе станат поквалитетни за сите здравствени осигуреници.

Фондот за здравствено осигурување активно ќе учествува во планирањето на здравствените услуги и обезбедувањето финансиска одржливост на новите капацитети, со цел тие да одговорат на потреби на граѓаните и да обезбедат квалитетна и ефикасна здравствена заштита, вели Перински.

Поврзани вести