Skip to main content

Со дела од  македонски композитори Камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски –Ѓумар одбележа 40 години постое

Со дела од  македонски те композитори Властимир Николовски, Бете Илин, Дамјан Темков и Драган Шуплевски, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски –Ѓумар одбележа 40 години од постоењето.

Концертот  под мотото „Звук што расте“  се одржа вчеравечер на „Охридско лето“  донесувајќи младешки елан и истовремено високи креативни вредности на младите уметници на кои допрва им претстои блескава кариера. Диригент на вечерта беше маестро Иван Еминовиќ, а солисти Памела Велкова на виолина и Христијана Матевска на хармоника.

Според маестро Еминовиќ, голема е честа на да се соработува со Музичката младина на Македонија, особено на ваков јубилеј.

-Чест е да се работи со овие млади музичари кои се врвни во својата дејност. Јубилејот ќе биде одбележан со три  концертни вечери,  во  Охрид и во наредните две вечери,  во Битола и Скопје. Ќе дадеме одлични концерти за да го одбелележиме достојно овој  јубилеј, рече диригентот Еминовиќ кому ова му е четврта соработка со оркестарот на МММ.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија  е основан  како прв  сегмент на Летниот музички  камп на МММ во 1986 година во Охрид, и оттогаш  повеќе од 400 млади музичари биле дел  од овој уникатен состав. Диригенти и уметнички раководители биле Ф. Муратовски, Г.Коруновски. С.Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б.Цанев, Б.Чадловска, А.Ремерајт, О.Кондратенко, М.Кац, Џ.Мартиненги, Е.Митревска и И.Еминовиќ.

Веќе 40 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година, оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.

Поврзани вести