
Влатко Миладиноски и Златко Миладиноски со оркестарот ќе приредат македонски музички спектакл во битолска Хераклеја.

По незаборавните концерти во Охрид и Скопје, македонското музичко востание продолжува во Битола! На 29 јули, со почеток во 21:00 часот, Влатко Миладиноски и Златко Миладиноски со оркестарот ќе приредат голем концерт под отворено небо во магичниот амбиент на Античкиот театар Хераклеја.
Битолчани и публиката од цела Македонија ќе имаат можност да бидат дел од вечер посветена на македонската песна, традиција и култура. На сцената ќе настапи Влатко Миладиноски, придружуван од оркестарот на Златко Миладиноски и повеќе од 30 музичари, кои ќе создадат моќен музички спектакл исполнет со емоции.
По концертите што ја обединија публиката во Охрид и Скопје, браќата Миладиноски ја носат својата музичка приказна во градот на конзулите. Хераклеја, како еден од најзначајните културно-историски локалитети во Македонија, ќе биде совршена сцена за вечер во која ќе одекнуваат најубавите македонски песни.

Концертната програма ќе биде збогатена и со настапите на специјалните гости Спасен Сиљаноски, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски, како и проект уметници македонци од Егејска Македонија.
Огромниот интерес за концертот уште еднаш потврдува дека македонската музика има публика која искрено ја сака, ја почитува и со гордост ја пренесува на следните генерации.
На 29 јули, сите музички патишта водат кон Хераклеја. Битола е подготвена за вечер исполнета со песна, емоции и македонска гордост.
Билетите се достапни онлајн преку mktickets.mk, како и на физичките продажни места: Tobacco Brothers во Битола и Т.А. Бран во Прилеп.

Македонски



