
Ракометарите на македонскиот шампион Вардар 1961 попладнево ги почнаа подготовките за новата сезона, каде ги очекуваат настапите во Лигата на шампионите, како и одбрана на двојната круна во домашните натпреварувања. Тимот предводен од тренерот Иван Чупиќ, го одржа и првиот тренинг во реновираната сала „Расадник“ која ќе претставува тренинг центар на „црвено-црните“, како и терен каде ќе играат дел од лигашките дуели, додека натпреварите од Лигата на шампионите и дерби дуелите со Еурофарм Пелистер, Алкалоид и Охрид ќе ги играат во „Јане Сандански“.

– Оваа сезона целта да ја одбраниме двојната круна во домашните натпреварувања, но да разбереме прво јас, а потоа играчите дека едно е кога освојуваш, а друго е кога браниш и ќе биде потешко од ланската сезона. Секој противник во Лигата на шампионите е многу тежок, а наша цел е да ја минеме групата и да се пласираме во главната фаза. За новите играчи ќе треба трпение и да се адаптираат. Во домашната лига сите четири екипи влегуваме со подеднакви шанси за титулата, сите имаме по 25%, изјави тренерот на Вардар Чупиќ.
Едно од седумте засилувањата во „црвено-црниот“ табор Леон Љевар истакна:

– Македонското првенство е најсилно во регионот. Ќе биде тешко има четири сериозни екипи. Но, ние сме шампиони и треба така да се однесуваме и да ја одбраниме титулата.
Јака Малуз, кој ланската сезона беше меѓу најдобрите во „црвено-црниот“ дрес очекува во новата сезона клубот да прикаже уште подобри игри.

– Местото на Вардар е во Лигата на шампионите. Ќе биде тежок патот, а ќе ги продолжиме и игрите од ланската сезона и треба да бидеме позитивни и оптимисти.
Според планот Вардар ќе работи во Скопје на почетокот, потоа се сели во Маврово, а ќе биде учесник и на турнирите во Струга и во Охрид. До првиот дуел во месец август ќе бидат одиграни и дуели од регионалната лига.

Македонски



