Skip to main content

Со графит „УЧК“ вандализирано српско културно-уметничко друштво во Куманово

Просториите што ги користи културно-уметничкото друштво „Српски вез“ во Куманово се оштетени, а на ѕидовите се испишани графити, објави денеска министерот за локална самоуправа и лидер на ДПСМ, Иван Стоиљковиќ.

Случајот е пријавен во СВР Куманово, од каде информираат дека се преземаат мерки за негово расчистување.

Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), Иван Стоиљковиќ, преку објава на социјалните мрежи го осуди инцидентот, испишаниот графит „УЧК“, оценувајќи дека станува збор за вандализам и поврзувајќи го со, како што наведува, „ксенофобија и шовинизам кон српската заедница“.

Тој посочи дека во просториите на КУД „Српски вез“ со фолклор се занимаваат повеќе од 200 деца и побара институциите и јавноста најостро да го санкционираат испишувањето на графитите.

Од СВР Куманово информираа дека случајот е пријавен, извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување.

-Настанот е пријавен во СВР Куманово, извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот- наведуваат од полицијата.

Поврзани вести