Skip to main content

Во Крушево поради прекин на струја еден час не работел уредот за хлорирање на водата, случајот да не се споредува со Гостивар

Случајот со Крушево не треба воопшто да се споредува со она што се случи со водоводниот систем во Гостивар бидејќи таму имаше прекин во електричната енергија на еден час по што состојбата се стабилизирала и во тој град нема граѓани што се жалат на здравствени проблеми – изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој е и раководител на Главниот штаб за управување со кризи.

Тој на прес-конференцијата во Центарот за управување со кризи во Скопје, посветена на состојбите со гостиварскиот водовод, одговарајќи на прашање за состојбата со водата во Крушево, нагласи дека веднаш по информацијата оти и водата во крушевскиот водовод не е исправна, разговарал со крушевскиот градоначалник.

Притоа бил информиран дека, поради прекин на електричната енергија, околу еден час не работел уредот за хлорирање на водата.

Затоа случајот во Крушево ни оддалеку не е сличен на она што се случуваше во Гостивар. Веднаш по тој еден час, уредот што внесува хлор во градскиот водовод продолжил со работа и очекувам состојбата таму веќе да биде целосно стабилизирана. Сепак, повеќе информации треба да се побараат од локалната самоуправа. Повторувам, немаме појава на луѓе што се жалат на здравствени симптоми и воопшто не треба да се споредуваат овие два случаи – истакна Ангелов.

Поврзани вести