
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозицијата дека го штити градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, и дека не бара одговорност за случајот со загадената вода, оценувајќи дека СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари покажуваат двојни аршини.
Во партиското соопштение се наведува дека состојбата во Гостивар е последица на, како што велат, „неажурноста и незаинтересираноста на локалната власт“, а дека опозицијата молчи бидејќи, според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за градоначалник кој доаѓа од нивните политички редови.
„Да не беше градоначалник од нивните редови, веднаш ќе држеа прес-конференции и ќе бараа одговорност. Но, бидејќи е градоначалник од нивните редови, кој самиот изјави дека не чувствува никаква грижа за тоа што здравјето на неколку илјади граѓани го стави во опасност, од опозицијата нема никаква осуда“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ наместо да побара одговорност, „спинува информации и се обидува да собира дневно-политички поени“, додека коалицијата СДСМ, ДУИ и Таравари, како што наведуваат, „преку молк се обидува да го заштити својот политички комодитет“.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека надлежните институции ја водат постапката и дека секој што ќе биде утврден како одговорен ќе мора да сноси последици согласно законите.
На обвинувањата реагираше СДСМ, која оцени дека власта предводена од премиерот Христијан Мицкоски се обидува да ја префрли вината врз опозицијата наместо да преземе одговорност за, како што ја нарекува, „кризата со отруената вода“.
Од СДСМ велат дека додека во повеќе населени места водата е неисправна за пиење, власта продолжува со политички обвинувања наместо да понуди решенија.
„Хистерија е да ја обвинуваш опозицијата додека граѓаните не смеат да ја пијат водата од чешма. Хистерија е кога министер за здравство наместо да ја преземе одговорноста, ги обвинува и навредува професорите и лекарите затоа што ја кажуваат вистината“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Опозициската партија оценува дека Владата не прифаќа одговорност за состојбата и дека, наместо решавање на проблемот, вината ја префрла на други политички субјекти.

Македонски


