Skip to main content

Македонка уапсена во Црна Гора откако прегазила куче

Жена, државјанка на Македонија, е уапсена во Црна Гора откако е пријавено дека со автомобил прегазила куче во населба во Улцињ.

Според црногорските медиуми, по инцидентот таа се обидела да ја напушти државата, но била запрена и приведена на граничен премин. Како што пренесува РТЦГ, полицијата во Улцињ околу 16 часот добила пријава за прегазено куче. Набргу потоа било пронајдено возилото и била идентификувана возачката, која била спроведена во просториите на Одделението за безбедност во Улцињ.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појави вознемирувачко видео од настанот. Според неофицијални информации, зад автомобилот се гледа и уште едно мртво куче. Црногорските медиуми наведуваат дека станува збор за кучето на уапсената жена, кое претходно било усмртено од шарпланинец.

Од невладината организација „Пријатели на животните“ побараа итна реакција од надлежните институции и кривично гонење на сторителот, со барање да бидат применети најстрогите санкции предвидени со Законот за благосостојба и заштита на животните.

Надлежните институции во Црна Гора го истражуваат случајот, а засега не се соопштени дополнителни официјални детали за околностите под кои се случил инцидентот.

Поврзани вести