
Силното невреме проследено со бурен ветер кое попладнево го зафати Скопје предизвика значителни материјални штети и на објектите на Градската општа болница „8 Септември“.
Директорот на болницата, д-р Синиша Стојаноски, информираше дека во установата нема примено пациенти повредени како последица на невремето, но дека силниот ветер предизвикал оштетувања на дел од болничката инфраструктура.
Според првичниот увид, најголеми оштетувања се забележани на кровот и кровната конструкција на објектот. Од болницата велат дека во овој момент сè уште не може да се утврди точниот обем на материјалната штета, бидејќи потребно е да се изврши детална проценка од страна на надлежните служби.
Сè уште не можеме прецизно да го утврдиме обемот на штетата. Тоа ќе биде познато откако проценител ќе излезе на терен и ќе се изготви официјален записник од надлежните институции. Од првичниот увид, најголема штета има на кровот и кровната конструкција“, изјави Стојаноски.
Тој додаде дека по завршувањето на увидот ќе биде направена целосна анализа на состојбата и ќе се утврдат понатамошните чекори за санација на оштетувањата.
Невремето кое го зафати Скопје предизвика проблеми на повеќе локации во градот, со паднати дрвја, оштетени објекти, искршени гранки, блокирани улици и оштетени возила. Екипите на надлежните служби остануваат на терен и работат на отстранување на последиците.

Македонски


