
Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази неповолно мислење за финансиските извештаи на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) за 2024 година, оценувајќи дека тие не ја прикажуваат вистинито и објективно финансиската состојба, успешноста и паричните текови на претпријатието. За усогласеноста на работењето со законите и прописите, ревизорите дале мислење со резерва.
Во ревизорскиот извештај се констатирани сериозни слабости во финансиското управување, сметководственото работење, јавните набавки, пресметката на платите и системот на внатрешна контрола. Дел од утврдените неправилности се повторуваат уште од ревизијата спроведена во 2015 година.
Еден од најзначајните наоди се однесува на побарувањата на претпријатието. ПОЦ евидентирал побарувања во износ од 80,12 милиони денари, при што најголемиот дел се стари повеќе години. Ревизорите утврдиле дека за значителен дел не биле преземени сите законски мерки за наплата, ниту било извршено нивно обезвреднување, иако постои сериозна неизвесност дали тие воопшто ќе бидат наплатени.
Во текот на 2024 година биле отпишани побарувања од физички лица во вредност од 2,22 милиони денари, без притоа да биде пресметан и уплатен данок на личен доход во износ од околу 247 илјади денари.
Ревизијата покажува и дека на крајот на минатата година ПОЦ имал неизмирена обврска од 86,36 милиони денари за комунална такса за паркирање кон Општина Центар. Од оваа сума, 79,05 милиони денари се однесуваат на периодот од 2019 до 2023 година, што, според ревизорите, резултирало со намалени приходи во општинскиот буџет.
Дополнително, годишната сметка била изготвена врз основа на незаклучени деловни книги, а завршните книжења не биле извршени навреме. Во текот на самата ревизија биле направени дури 148 ретроактивни книговодствени записи. Утврдено е и дека претпријатието немало усвоени сметководствени политики, како и неправилности во евидентирањето на основните средства и пресметката на амортизацијата.
Сериозни пропусти се констатирани и при пресметката на платите. Ревизорите утврдиле дека правилникот не бил усогласен со законите и колективниот договор, биле користени неправилно определени коефициенти, не била утврдена вредноста на бодот, а имало и неправилности при исплатата на додатоци за сменска работа, пресметката на боледувањата и недостиг на документација за дел од исплатите.
Во областа на јавните набавки биле ревидирани 27 постапки, при што неправилности биле утврдени кај договори со вкупна вредност од 4,59 милиони денари. Забележани се непропорционални услови што ја ограничувале конкуренцијата, непрецизни технички спецификации, задоцнети известувања и недостиг на документација. Посебно е издвоен договор за систем за затворен паркинг вреден 2,82 милиони денари со ДДВ, кој подоцна бил раскинат поради утврдени пропусти.
Ревизорите утврдиле слабости и во пописот на имотот и обврските. Пописот за 2024 година не ги опфатил сите средства, побарувања и обврски, не биле потврдени салдата со купувачите и добавувачите, а било констатирано и несогласување меѓу фактичката готовина во благајната и сметководствената евиденција.
Во извештајот се наведува и дека ПОЦ во моментов е тужена страна во 14 судски постапки со проценета вредност од 122,02 милиони денари, што, според ДЗР, претставува значителен финансиски ризик за идното работење на претпријатието.
Ревизорите потсетуваат дека дел од слабостите – меѓу кои проблемите со пописот, благајничкото работење и нефункционалната внатрешна ревизија – биле констатирани уште во ревизијата од 2015 година. Од тогаш дадените осум препораки, четири се целосно реализирани, две делумно, а две воопшто не се спроведени.
По доставувањето на нацрт-извештајот, ПОЦ презел одредени корективни мерки. Сепак, од доставените забелешки, 11 не биле прифатени, четири биле евидентирани како информации за преземени или планирани активности, додека само една била прифатена како техничка грешка.

Македонски


