Skip to main content

Учење грчки јазик на ФБ-страницата на амбасадата во Скопје, „Виножито“ ги нуди своите македонско-грчки речници

На Фејсбук-страницата на Амбасадата на Грција во Скопје, може да се најдат практични лекции од основите грчкиот јазик, претежно за туристичка употреба на Македонците кои „традиционално“ во голем број летниот одмор го користат во оваа соседна земја. Лекциите се разговорни, односно со често употребувани грчки фрази и со превод на македонски, на кирилица.

Навидум, оваа програма на Фејсбук, наречена „Да зборуваме грчки, чекор по чекор“ (насловена на англиски) изгледа како чекор на зближување и добрососедство од страна на амбасадата на Грција во Македонија и надминување на политичките стереотипи во македонско – грчките односи, кои во пракса останаа и по Преспанскиот договор.

Ваквиот потег на грчката амбасада во Македонија го поздрави и Павле Воскопулос, член на Колективното раководство на Виножито – Европска слободна алијанса (Е.С.А.), кој во коментар на Фејсбук-страницата го понуди двотомниот грчко-македонски и македонско-грчки речник, што го има издадено Виножито.

„Почитувани, по повод вашата неодамнешна иницијатива, би сакале да истакнеме дека користењето на соодветна литература би можело значително да придонесе за успешната реализација на вашиот потфат.

Во таа насока, Виножито  – Европска слободна алијанса (Е.С.А.) во изминатите години го издаде двотомниот Грчко-македонски и Македонско-грчки речник, кој претставува значајно референтно дело за сите што се интересираат за современиот македонски јазик.

Вреди да се напомене дека издавањето на речникот беше овозможено, меѓу другото, и со средства што произлегоа од отштетата што ја исплати грчката држава по пресуда на Европскиот суд за човекови права. Предметот се однесуваше на настаните од 1995 година и јавната употреба на современиот македонски јазик на двојазичната (грчко-македонска) табла поставена пред просториите на партијата.

Доколку сметате дека е корисно, ќе ни биде особено задоволство да ви го ставиме на располагање ова издание, како и нашето искуство, со цел да придонесеме кон оваа значајна иницијатива, како во Скопје, така и пошироко“, напиша Павле Воскопулос во коментар на Фејсбук страницата на Амбасадата на Грција во Македонија.

Секој исчекор кон искрено добрососедство и комуникација во македонско – грчките односи е за поздравување, како оваа иницијатива за лекции по грчки јазик за македонските граѓани на Фејсбук. Во тој контекст, секако би било во интерес на правилно разбирање и учење на грчкиот јазик амбасадата на Грција во Македонија да ги прифати и консултира речниците изготвени од Виножито.

Извор: МКД.мк

Поврзани вести