Skip to main content

Германските земјоделци предупредуваат на можен недостиг на ѓубрива поради кризата на Блискиот Исток

Kurt Bouda from Pixabay

Војната со Иран и натаму врши притисок врз германското земјоделство, со што постои ризик од недостиг на минерални ѓубрива и дополнително зголемување на производствените трошоци, предупреди претседателот на Германскиот сојуз на земјоделци, Јоахим Руквид.

Тој оцени дека состојбата во Персискиот Залив останува нестабилна, што ги зголемува стравувањата за сигурноста на снабдувањето.

– Во моментов нема физички недостиг, но цените на азотните ѓубрива остануваат трајно високи, а резервите за новата сезона се опасно ниски – изјави Руквид за германската медиумска група РНД (Redaktionsnetzwerk Deutschland).

Според него, доколку кризата во регионот дополнително ескалира, можно е ново поскапување на природниот гас и на енергијата, што директно ќе доведе до повисоки цени на ѓубривата.

Руквид предупреди дека многу земјоделски стопанства тешко ќе се справат со новите трошоци во услови на намалени приходи.

Тој побара дополнителни мерки за поддршка на секторот, меѓу кои олеснувања за цената на земјоделскиот дизел, привремено намалување на данокот на енергијата на минималното ниво дозволено во Европската Унија и намалување на трошоците поврзани со емисиите на јаглерод.

Претходно, министрите за земјоделство на земјите членки на ЕУ се согласија државите да можат целно да ги поддржуваат земјоделците поради поскапувањето на ѓубривата. Европската Унија привремено ги укина и царините за увоз на одредени видови ѓубрива.

Азотните ѓубрива се особено чувствителни на цените на природниот гас, бидејќи тој е главна суровина во нивното производство.

Според Европската комисија, голем број земјоделци во ЕУ веќе ја намалуваат употребата на ѓубрива затоа што не можат да ги префрлат повисоките трошоци врз крајните потрошувачи, што доведува до намалување на приносите.

Поврзани вести