Skip to main content

Велковски: Во владина процедура се измените на Законот за детска заштита, од 2027 повисока поддршка за децата со посебни потреби

Pixabay

Измените на Законот за детска заштита веќе се во владина процедура, каде се предвидува зголемување на постоечките државни износи за поддршка, со посебен фокус на децата со посебни потреби, изјави министерот за труд и социјална политика и млади, Ѓоко Велковски одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, нагласувајќи дека се очекува овие измени брзо да ја поминат собраниската процедура и од 1 јануари 2027 година децата од оваа категорија да добијат зголемени средства.

Одговарајќи на пратеничко прашање од Сали Мурати од „Европски фронт“, до каде е најавената реформа на системот на детски додаток и од кога ќе почне примената на новиот модел, Велковски рече дека се разгледуваат сите можности и варијанти бидејќи ваквата реформа бара големи финансиски средства во услови на ограничени буџетски ресурси.

Работиме континуирано да видиме кој од моделите треба да се преземе како таков и како по чекори да го изведеме комплетно да се воспостави овој универзален додаток – изјави Велковски.

Велковски, исто така, најави дека во рок од една до две недели Владата се очекува да донесе заклучоци со кои Министерството ќе пристапи кон донесување на нов Закон за родителство со прецизни чекори и мерки за поддршка на семејствата.

Во делот на демографијата, како комплетно прашање, бидејќи таму се децата и детската заштита. Веќе е пратена информација во Владата, и таа за брзо време ќе биде со заклучоци, мислам дека за недела до две, каде што ќе се задолжиме како Министерство да донесеме нов Закон за родителство, каде што ќе се дефинираат и конкретни чекори во самиот закон согласно акцискиот план којшто ќе биде изгласан од страна на Владата. Во Законот за родителство се предвидуваат мерки и активности за поддршка на самите семејства и во тоа да имаат, да создадат семејство, да имаат дечиња и тие дечиња да имаат одредена заштита од страна на државата, односно поддршка – изјави Велковски.

Велковски, во одговорот, се осврна и на клучните активности, реформи и предизвици во сферата на детската заштита и демографијата кои ги прави министерството во изминатите четири месеци, откако ја презеде функцијата.

Во делот на капиталните инвестиции, односно веќе ако претходно говоревме за овие две години за 40 детски градинки, денеска говориме веќе за 50 објекти коишто ќе бидат на располагање, коишто се започнати со реализација, започнуваат и се во програмите за реализација и во следните две години ќе бидат комплетно реализирани да бидат на располагање на опфатот на дечињата коишто го имаме во делот на детската заштита, односно од 0 до 6 години – изјави Велковски.

Со ова, според Велковски, се очекува да се расчистат листите на чекање за над 4.000 дечиња.

Велковски, исто така, нагласи дека во изминатите четири месеци од неговото раководење со ресорот интензивно се работи на воспоставување систем на комплетна грижа и поддршка за секое дете, посочувајќи дека детскиот и образовниот додаток редовно се субвенционираат за дечињата од критичните категории кои се приматели на гарантирана минимална помош или имаат приходи под минималната плата, со цел ублажување на сиромаштијата.

Во однос на стратегијата и акцискиот план за демографија, Велковски, информираше дека таа веќе е одобрена и доставена во Влада и дека очекува за брзо време и таа да се најде во собранието на одобрување. 

Поврзани вести