
Големо разочарување владее во Англија, откако англиските фудбалери во завршницата на полуфиналето на Светското првенство синоќа против Аргентина испуштија водство и со пораз од 2-1 повторно останаа без мундијалско финале кое го чекаат 60 години.
„Аргентинската лекција по фудбал ги урна англиските соништа за титулата. Аргентина целосно ја надигра Англија со брилијантна игра во второто полувреме“, коментираше агенцијата Ројтерс.
Британскиот сервис Би-Би-Си стави акцент психолошкиот распад на англискиот тим во завршницата на полуфиналето во Атланта.
„Тоа беше зачудувачки и драматичен пресврт во Атланта. Англија го имаше финалето во свои раце, но под притисок од Аргентина целосно се предаде.“, наведе Би-Би-Си.
Во англискиот печат осамнаа жестоки критики на адреса на селекторот Томас Тухел, кој со дефанзивни измени одлучи да го чува минималното водство и да ѝ дозволи на Аргентина да ја преземе иницијативата, што му се врати како бумеранг.
„Катастрофалната одлука на Томас Тухел против Аргентина се одмазди. Откако го презеде водството, тимот на Тухел се повлече во дефанзива. Англичаните им дозволија на противниците да извршат притисок врз нивната одбрана, а Аргентина го сврте резултатот со два гола во завршницата“, пишува „Дејли стар“.
Осврнувајќи се на историјата, лондонски „Дејли мејл“ наведе дека ова е трет пат Англија да загуби во мундијалско полуфинале, по 1990 година од Германија и 2018 година од Хрватска:
„Уште еден тежок удар за Англија. Број три очигледно не е толку волшебен, овој пораз е особено болен“., наведе весникот

Македонски



