
Откако минатиот четврток извојуваа гостински победи, фудбалерите на Силекс и Шкендија денеска во ист термин на различни локации во Скопје ќе се обидат да ја зачуваат предноста и да се пласираат во 2. Квалификациско коло во Конференциската лига во кое, по елиминацијата во Лигата на шампиони, својот настап ќе го продолжи и Вардар.
Освојувачот на македонскиот Куп, Силекс, вечерва од 20 часот на ФФМ Тренинг центарот „Петар Милошевски“ го пречекува Динамо Минск со гол предност од првиот натпревар на кој на неутрален терен во Стара Загора го изненади лидерот во белоруското првенство и триумфираше со 1-0.
Многу полесна задача во истиот термин на Националната арена „Тодор Проески“ ќе имаат фудбалерите на Шкендија, откако на првиот натпревар во Гибралтар извојуваа убедлива победа над Европа со 5-0.
Доколку ја минат првата пречка, Силекс во 2. квалификациско коло ќе игра против Нефчи од Азербејџан, а Шкендија против словенечки Браво.
Противник на Вардар, пак, ќе биде Рига, која, исто така, беше елиминирана во воведното квалификациско коло во Лигата на шампиони.е

Македонски



