
Реалниот број на заразени со ебола во Демократска Република Конго е значително поголем од официјално потврдените случаи и би можел да биде дури четирипати повисок, предупреди денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Извршниот директор на Програмата за здравствени итни состојби при СЗО, Чикве Ихеквеазу, изјави дека анализите и математичките модели покажуваат оти вистинскиот обем на епидемијата е најмалку два до четири пати поголем од официјално регистрираниот број случаи.
Според последните податоци, во Демократска Република Конго се потврдени 1.873 случаи на ебола, од кои 672 завршиле со смртен исход.
Во меѓувреме, на североистокот на земјата се спроведува клиничко испитување на два експериментални лека против сојот Бундибугио на вирусот ебола. Проектот го реализираат универзитети, фармацевтски компании и Светската здравствена организација, а целта е да се утврди дали новите терапии ќе ја намалат смртноста кај заболените.
Во испитувањето се користат антивирусниот лек ремдесивир, кој веќе е во употреба, и експерименталниот препарат MBP134, кој содржи антитела способни да го препознаат и да го неутрализираат вирусот. Стручњаците очекуваат новите терапии да дадат подобри резултати, откако претходно покажале охрабрувачки ефекти во испитувања врз животни. објави Скопје1.мк

Македонски



