
Во овие две години успеавме да обезбедиме скоро девет милијарди денари поголем буџет за здравството, бидејќи без зголемување на издвојувањата за здравство нема да ги решиме проблемите со кои се соочуваме во овој сектор. Меѓутоа, ова не е само зголемен буџет, туку зад секоја оваа бројка стои конкретна мерка за подобрување на здравствената заштита за пациентите и за подобрување на условите за здравствените работници, изјави на денешниот брифинг со новинарите довчерашниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски, кој синоќа беше именуван за нов министер за здравство во владата на Христијан Мицкоски.
Клековски, во својство на директор на ФЗО, пред да замине во министерството за здравство даде отчет за двегодишниот мандат во ФЗО и неколку назнаки кои треба да бидат водич за следното раководство на Фондот.
Во примарното здравство го имаме историското зголемување на капитацискиот бод во април 2025-та година од 30%. Воведовме нови превентивни цели кај матичните доктори, за првпат воведовме депресија, односно ментално здравје како превентивна цел, за да одговориме на новите потреби во општеството. Во јавното здравство, исто така се фокусиравме на зголемување на платите. Тие се зголемени кумулативно 22%, тоа е над 15% реален раст, имајќи ја во предвид инфлацијата, со фокус на средномедицинскиот кадар, бидејќи недостатокот на медицински сестри е еден од главните проблеми во кадровските прашања во здравството. Успеавме да го запреме падот на бројот на здравствени работници, кој од пред короната е во континуиран пад, и во минатиот период тој се зголеми од 18.000 на 18.900 вработени во јавното здравство. Успеавме да го зголемиме буџетирањето за јавното здравство за 26%, изјави Клековски.
Клековски во обраќањето го апострофираше рекордното издвојување за условни буџети, односно за посебно скапи лекови, бидејќи лековите и пристапот кон лековите беше еден од клучните предизвици во овој период.
На четири милијарди за онкологија, за педијатрија, за неврологија, без листи на чекање и со зголемен опфат на најголем дел од автоимуните состојби и слични болести. Набргу ќе промовираме подобрување на пристапот и на други подрачја. Се зголеми бројот на болнички услуги, меѓутоа не порасна, според очекувањата, комплексноста на зафатите што се работат, бидејќи целта е јавното здравство да таргетира сè повеќе од состојби за кои се оди во приватно здравство или се оди на лекување во странство. Позитивната листа, после децениското заспаност, ја зголемивме на трипати. Успеавме да добиеме пониски цени преку генеричка конкуренција и покажавме дека со мали измени, со префрлање на лековите од болничка употреба во аптека, можеме да им го олесниме животот на пациентите — зборувам за онколошките пациенти — меѓутоа и на Клиниката за онкологија, кажа Клековски.
За лекувањето во странство, тој кажа дека минатата година имало само 17 одбивања. Се зголемиле одобрувањата, се намалиле одбивањата.
Од минатата година во Австрија лекувањата се со двојазичен образец во сооднос на меѓусебната спогодба. Сето ова го направивме со 30 вработени помалку во Фондот. Значи, немаме зголемување на администрацијата, напротив, имаме намалување на администрацијата, и истовремено успеавме Фондот да го вратиме таму каде што некогаш бил — на првото место по транспарентност меѓу јавните институции, изјави Клековски.
Во однос на владините проекти за кои ФЗО презел обврска, реализацијата им е 54%.
Најголем дел од работите што ги набројав, како позитивната листа и слично, се дел од владината програма. Она што е во тек е е-рецепт, каде што финансирањето зависи од Министерството за здравство, и обезбедување на здравствено осигурување за деца до 18 години кои немаат здравствено осигурување, односно децата до 18 години да имаат здравствено осигурување без разлика дали нивните родители се покриени со здравствено или не. Значи, тие два проекти остануваат за понатаму. И два што ни ги зададе Владата во меѓувреме со заклучоци — критериумите за здравствено осигурување за невработени и со ниски примања, како и за уредбата за здравствена мрежа — се повторно два проекти кои треба заедно со Министерството за здравство да се довршат. Ова е сликата што ќе ја оставам на следниот директор на Фондот за здравствено осигурување, кој го очекуваме час поскоро, изјави Клековски.
Златко Перински, довчерашен министер за локална самоуправа и кадар на ВМРО ДПМНЕ ќе биде новиот директор на ФЗО.

Македонски



