Skip to main content
Тони Наумовски ,добитник на наградата „Мето Јовановски“ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот на фестивалот „Преку езерото“

Изминативе неколку години македонските уметници се маестралани и брилираат насекаде во светот

Тони Наумовски е овогодинешниот добитник на престижната награда „Мето Јовановски“ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот за 2026 година, на петтото јубилејно издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во Дојран.

Ова признание претставува огромна валоризација на неговата меѓународна кариера и неговиот придонес за афирмација на македонската актерска игра во светот. Со тоа, Наумовски се приклучува на ексклузивното семејство лауреати на оваа релативно нова, но исклучително значајна награда. Пред него наградата ја добија Владо Јовановски и Лазар Ристовски.

Која ти беше првата мисла кога дозна дека ти си лауреатот на наградата „Мето Јовановски“ за 2026 година?

Изненадување. Огромна чест и задоволство.

Што претставува ова признание за тебе, особено што доаѓа од домашната филмска сцена по години поминати во Њујорк?

Секое призанние значи, исполнува, мотивира, обрзува и е привилегија посебно кога тоа признание доаѓа од дома.

Наградата го носи името на еден од најголемите столбови на македонското и балканското актерство. Кои се твоите лични сеќавања за Мето Јовановски?

Мето Јовановски е голем мајстор кој што играше во лига на светски шампиони. За жал никогаш немав прилика да соработувам со него но секогаш уживам, се радувам и му се воодушевувам на неговите маестрални актерски остварувања. 

Пред Вас, оваа награда ја добија Владо Јовановски и Лазар Ристовски. Како се чувствувате во ова ексклузивно друштво на лауреати кои оставија длабок печат на балканската кинематографија?

Понизно, почестено и привилегирано. Тоа се актери на кои им се поклонувам на она што се и им благодарам што постојат. 

Фестивалот „Преку езерото“ го слави медитеранскиот и балканскиот филм. Колку Дојран како амбиент и самиот фестивал се важни за вмрежување на македонските уметници со светот?

Исклучително важнен фестивал. Дојран нуди атмосфера што спојува, вкрстува патишта на многу наши квалитетни колеги од регионот и пошироко, а точката на тој спој е тукму фестивалот. Изминативе неколку години македонските уметници се маестралани и брилираат насекаде во светот.

И покрај успешната кариера во САД, редовно се враќате на проектите во Македонија. Колку е различно чувството кога создавате уметност на мајчин јазик, пред домашната публика која најдобро те познава?

Тешко е да се опише во зборови како е да се игра на мајчин јазик. Постои една друга димензија. Буквите и зборовите на македонскиот јазик со нивното значење и музика носат своја индивидуална и колектвина меморија која патува низ вековите во потсвеста на секој еден од нас. Неизмерна чест, привилегија, одговорност и приоритет ми е да играм на мајчин јазик и што повеќе да сум дел од македонски проекти.

Која е Вашата порака до младите македонски актери кои во моментов те гледаат како инспирација и сонуваат за интернационална кариера?

Стремете се кон совршенство. Бидете постојано подготовени. Работете на себе. Надградувајте се неуморно. Говорете ја вистината како на сцена, пред камера така и на улица. Постанате човечки полиграф. Негувајте ја светлината во себе. Бидете она што Бог ви го дал да сте, извондредни, не просечни. Бидете точно она што се затоашто вие ни требате а не имитација. Ви сте најважни со вашата посебност.. Служиме на нешто што е поголемо од секоја наша индивидуална амбиција-делото. Никој ништо не ни должи освен самите на себе да сме секогаш подобра верзија од претходниот миг. Живејте во прашањата не одговорите. Немојте да живеете нито со духовите од минатото нито во сенка на иднината а ‘да бидете мигот’. Создавајте вечност со секој здив. Бидете љубопитни. Неограничени. Негувајте го детето во себе. Немојте да сте  арогантни нито лажно скромни. Слушајте ги сите но чујте само неколку. Не се рециклирајте. Секоја улога има различен извор и свој единствен пат на трансформација. Играјте, немојте да глумите. Поддржувајте се едни со други и немојте да си ја продадете човечноста …Тука сум секогаш за вас. Да ве заштитам, да ви се радувам, да ви се вооудушевувам. Прекрасни сте. Копајте длабоко. Со главата во ѕвездите, со нозете на земјата. Со благослов да биде се што правите и се што ќе наумите да правите. 

Разговараше: Невена Поповска

фото: Фестивал Преку езерото

Поврзани вести