
ИРАКЛИОН – Култната опера „Набуко“ од Џузепе Верди вечерва за првпат во историјата ќе биде изведена на островот Крит, во рамките на четиридневното гостување на Македонската опера и балет (МОБ) во Ираклион, Грција.
Од вечерва па сè до 15 ноември, публиката во салата „Андреас и Марија Калокаинурину“ при новиот Културен и конференциски центар во Ираклион ќе има можност да проследи четири изведби на ова оперско ремек-дело. Настанот е резултат на меѓународна копродукција помеѓу МОБ и Културниот центар во Ираклион, обединувајќи уметници од двете соседни земји
Во фоајето и зад сцената на новиот Културен и конференциски центар во Ираклион, изминативе денови атмосферата пред вечерашната премиера беше исполнета со тивко исчекување и позитивна трема. Музичарите од оркестарот на Македонската опера и балет (МОБ) и нивните колеги на сцената два дена со заеднички проби се подготвуваат за историски момент- првата изведба на култната опера „Набуко“ од Џузепе Верди на островот Крит.

Но, пред да се крене завесата, вистинската динамика се одвива во гардеробите и тесните ходници зад сцената. Таму, без престан и со прецизна координација работат невидливите херои на секоја голема продукција – техничката екипа, гардероберите, шминкерите и фризерите на МОБ. Под силните светла на огледалата, тие ги обликуваат сложените историски фризури, ја нанесуваат сценската шминка и ги пеглаат и дотеруваат раскошните костими, внимавајќи секој детаљ да биде беспрекорен. Во исто време, сценските работници и мајсторите за светло и тон го прилагодуваат декорот на новата сцена, осигурувајќи се дека визуелната магија ќе функционира без ниту една грешка.
За време на интензивните подготовки во изминатите денови, јазичните бариери целосно исчезнаа пред универзалниот јазик на музиката. На сцената, рамо до рамо стојат хористите на МОБ и членовите на хорскиот ансамбл од Ираклион. Половина од хорот е од Македонија, а другата половина од Грција, споени во еден моќен глас кој вечерва ќе ја изведе прочуената хорска арија „Va, pensiero“ – симболот на слободата и непокорниот човечки дух. Во оркестарската дупка, пак, музичарите на МОБ со максимална посветеност го следат секој гест на диригентот, градејќи го препознатливиот драмски набој на Верди.

Со палката раководи маестро Миронас Михаилидис, уметник роден на Крит, кој има посебна лична врска со овој простор. Како стручен советник за акустика при изградбата на салата, тој најдобро знае како секој тон од оркестарот и секој здив на хористите ќе одекне пред публиката.

Многу сум среќен што „Набуко“ ќе биде изведена за првпат во историјата на Крит, па затоа и симболиката е огромна. Со оваа изведба ги поврзуваме нашите уметници – половина од хорот и една постава солисти се од Грција, а другата половина од Македонија. Во текот на подготовките чувствувам прекрасна атмосфера и одлична хемија со оркестарот, со кој соработувам веќе две години. Се радувам на ваквата соработка бидејќи сме соседни држави, а културата е она што нè обединува, вели маестро Михаилидис.

На сцената, покрај хорските и оркестарските ансамбли и балетот на МОБ, главниот товар го носат врвните македонски солисти Марјан Јованоски, Злата Тошевска Димовска, Ѓорѓи Цуцковски, Николина Јаневска и Александар Стефаноски, кои во текот на четирите вечери, сè до 15 ноември, ќе се менуваат и надополнуваат со грчката солистичка постава. За визуелниот и сценскиот впечаток се погрижи режисерот Ренато Бонајуто, додека адаптацијата за овој простор е дело на Дејан Прошев.
Оваа меѓународна копродукција меѓу МОБ и Културниот центар во Ираклион нема да остане само на ова гостување. Како што најави маестро Михаилидис, со директорот на МОБ, Оливер Арсовски, веќе се договара возвратен уметнички проект во Скопје, најверојатно во форма на балетска претстава, со што музичкиот мост меѓу двата града продолжува да се гради.

Македонски



