Skip to main content

Јаник Рение: Прв пат доаѓам во Македонија на фестивалот „Преку езерото“ и многу ми се допаѓа

Белгискиот актер Јаник Рение на денешната прес конференција во Дојран рече дека ги гледал другите филмови на Елен Кате и Бруно Форцани додека се подготвувал за улогата во филмот „Одразот во мртвиот дијамант“.

Кастингот е мошне важен во секој филм, мора да се разбираме меѓу себе додека работиме и јас навистина уживав додека го работев филмот. Станува збор за доверба, не може се да контролираме и затоа мора да си веруваме, рече актерот додека објаснуваше како течело снимањето на белгискиот филм.

 „Одразот во мртвиот дијамант“ во режија на Елен Кате и Бруно Форцани публиката на фестивалот „Преку езерото“ можеше да го види синоќа во рамките на главната селекција.

Многу сум среќен што сум овде. Ова е прв пат да дојдам во Македонија и многу ми се допаѓа, рече Јаник Рение синоќа по проекцијата на филмот во кој ја толкува главната улога.

Денеска во рамките на програмата на фестивалот се одржа работилница за регулирање на авторските права на Катерина Антевска.

Работилницата беше посветена на унапредување на знаењата за заштитата на авторските права во современото опкружување. Учесниците имаа можност да се запознаат со основните принципи на авторското право, правата и обврските на авторите на аудиовизуелните дела, значењето на договорите во филмската продукција, како и најчестите предизвици поврзани со користењето на делата. Посебен акцент беше ставен на заштитата на авторските права во дигиталната средина. Злоупотребите, механизмите за отстранување на нелегално објавени содржини и европските стандарди за заштита на креативците, вели Антовска и посочува дека целта на работилницата е да се поттикне развојот на култура на почитување на авторските права, како и да се охрабрат младите режисери и филмски автори навреме да ги препознаваат и заштитуваат своите права во текот на целиот креативен процес.

Поврзани вести