
Од почетокот на 2026 година во Прилеп се регистрирани само три нови случаи на ХИВ, соопшти Центарот за јавно здравје Прилеп, отфрлајќи ги како неточни информациите што се шират на социјалните мрежи дека во градот има околу 50 новоинфицирани лица.
Директорот на Центарот за јавно здравје Прилеп, д-р Горан Кузески, изјави дека официјалната евиденција не ги потврдува бројките што во изминатиот период се споделувале во јавноста.
Според податоците на Центарот, од првиот регистриран случај во 1987 година до денес, во Прилеп се евидентирани вкупно 37 случаи на ХИВ и СИДА. Од нив, 23 лица се регистрирани како ХИВ-позитивни, додека кај 14 лица се развила СИДА.
Во истиот период биле регистрирани седум смртни случаи.
Од вкупно 37 евидентирани случаи, 33 се кај мажи, а четири кај жени. Околу 78 проценти од регистрираните лица се на возраст меѓу 20 и 39 години.
Кај 27 лица, односно кај околу 72 проценти од случаите, преносот е регистриран кај мажи што имаат сексуални односи со мажи. Хетеросексуален пренос е утврден кај седум лица.
Еден случај е поврзан со инјектирање дроги, додека кај две лица е регистриран вертикален пренос од мајка на дете.
Од Центарот апелираат граѓаните да не ги прифаќаат како точни непроверените информации што се шират преку социјалните мрежи и за епидемиолошките податоци да се информираат од надлежните здравствени институции.
На државно ниво, од 1987 година досега се регистрирани 760 случаи на ХИВ и СИДА. Повеќе од 30 проценти од нив се евидентирани во последните пет години.
Центарот за јавно здравје Прилеп овозможува бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ. Граѓаните што сакаат да го проверат својот статус може директно да се обратат во установата.

Македонски



