
Амбасадорот на Македонија во Франција, Игор Николов, оствари средба со Виола Имери, добитничка на првото издание на наградата „Роксан Стојанов“, која, заедно со својата професорка Дафина Данилоска Кочевска, го завршува својот едукативен престој во Париз.
За време на престојот, Виола имаше можност да соработува со светски познатата балерина од македонско потекло Роксан Стојанов, да посетува часови по класичен и современ танц во Балетската школа на Националната опера на Париз, како и да проследи балетски претстави во Палатата Гарние, „Théâtre de la Ville“ и Операта Бастилја.

Посебен успех претставуваше и нејзиниот настап на еден од најпрестижните музички фестивали во Франција – „Rencontres Musicales d’Évian“ („Музички средби во Евиан“).
Првото издание на наградата „Роксан Стојанов“ беше организирано од Културниот центар ИнтерАрт, Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција во Скопје, со поддршка на македонската Амбасада во Париз.

На средбата, амбасадорот Николов ѝ честиташе на Виола Имери за постигнатиот успех и ѝ посака ова драгоцено искуство да биде поттик за понатамошен професионален развој и успешна меѓународна уметничка кариера.

Амбасадорот Николов нагласи дека културната соработка меѓу двете земји претставува значаен сегмент од билатералните односи, а ваквите иницијативи овозможуваат размена на знаења, искуства и таленти, придонесувајќи за продлабочување на пријателството и меѓусебното разбирање.

Македонски



