
Сараево е град со посебна душа, место каде што на неколку чекори се среќаваат ориентот и Европа, може да се почувствуваат разни култури, религии и историски периоди.
Главниoт град на Босна и Херцеговина со векови претставува раскрсница меѓу Истокот и Западот, а токму таа разновидност го прави едно од најинтересните места за посета на Балканот.
Сараево е град што ја раскажува својата историја на секој чекор, град во кој минатото и сегашноста живеат едно покрај друго. Познат по својата богата историја, културна разновидност и гостопримство, секој негов агол носи посебна приказна.

А приказната почнува во Башчаршија, срцето на градот, старата чаршија изградена во 15 век за време на османлискиот период. Калдрмисаните улички, дуќаните на занаетчиите, мирисот на свежо печено кафе и традиционалните босански специјалитети создаваат впечаток дека времето овде застанало. Создаваат атмосфера што потсетува на некое минато време.

Во центарот на чаршијата се наоѓа Себиљ, еден од најпрепознатливите симболи на Сараево, место каде што се среќаваат туристите и локалните жители.

Во непосредна близина се наоѓаат многубројни верски објекти, кои сведочат за мултикултурниот карактер на градот. Џамии, цркви и синагоги се сместени на мала оддалеченост една од друга испраќајќи порака за соживот и меѓусебно почитување.

Само неколку минути пешачење и се доаѓа до Градското собрание, популарно наречената Вјечница, величествена градба со препознатлива архитектура, која е сведок на бурната историја на градот. Изградена кон крајот на 19 век таа го спојува ориенталниот дух со европската архитектура.

За време на опсадата на Сараево таа речиси целосно изгоре. Заедно со неа исчезнаа приближно два милиони книги, ракописи и документи – непроценливо културно богатство. По уништувањата во војната, Вјечницата е обновена и денес повторно го краси брегот на реката Миљацка, а богатите ориентални орнаменти ги воодушевуваат посетителите. За сараевчани, таа е многу повеќе од архитектонски бисер – таа е доказ дека градот знаел да се издигне и по најголемите трагедии.

Во непосредна близина се наоѓа и Латинскиот мост, место што има посебно значење во светската историја. Токму тука во 1914 година е извршен атентатот врз војводата Франц Фердинанд, настан што се смета за повод за почетокот на Првата светска војна.

Градот ја носи и тежината на својата понова историја. Многубројни споменици и музеи потсетуваат на опсадата на Сараево во текот на 90-тите години, но истовремено сведочат и за силата и истрајноста на неговите жители.
Во центарот на Сараево, на само неколку чекори од раздвижените градски улици, постојано гори Вечниот оган – споменик подигнат во 1946 година, симбол на слободата, отпорот и сеќавањето, денес едно од најпрепознатливите места за средба на сараевчани.

Денес, Сараево е жив, динамичен и гостопримлив град, кој успешно ги спојува традицијата и современиот начин на живеење. Неговите улици раскажуваат приказни за минатото, а жителите со насмевка ги пречекуваат посетителите од целиот свет.

Но, Сараево не е само историја и архитектура. Тоа е град на вкусови и мириси. Ќебапите, бурекот и традиционалното босанско кафе се неизбежен дел од секоја посета. Во многуте ресторани и кафеани посетителите може да ги почувствуваат автентичната босанска атмосфера и гостопримството.

Посетата на Сараево не е целосна без дегустација на прочуените босански ќебапи, бурек и традиционалното босанско кафе, кое се служи на автентичен начин и претставува важен дел од локалната култура.

Овде за појадок без размислување се нарачува бурек, кој се служи на ленти, се мери во грамови, а не се сече на осминки или четвртина и чини околу шест босански марки или речиси три евра. За неколку часа додека ја шетате чаршијата, од мирисот на ќебапите повторно огладнувате и неизбежно е да се нарачаат прочуените сараевски ќебапи во лепиња. За комплет десетка ќе платите од 12 до 14 босански марки, шест-седум евра.

Не може да заминете од чаршијата без кафе, кое се служи директно од ѓезве и чини околу две евра. И на крај, не смеете да заборавите да се засладите, а тука изборот е тежок, десетици видови десерти, но претежно „шербетлии“ – разни баклави, шеќер-паре, трилеќе, туфакии… А цените, богами, соленки. Парче баклава е од две до три евра, а „помодерните слатки“ се околу четири евра.

Денес, Сараево е модерен град, кој гордо го чува своето наследство. Град што ги поврзува културите, религиите и генерациите оставајќи силен впечаток кај секој што ќе ги прошета неговите улици.

Поинаква перспектива на градот нуди сараевската жичница. Со неа посетителите стигнуваат до планината Требевиќ, од каде што се отвора спектакуларен поглед кон целиот град.

Панорамата открива зошто Сараево често го нарекуваат град во котлина опкружен со планини, кои му даваат посебен шарм.

Овде се наоѓа и Олимпискиот музеј „Требевиќ“ посветен на Зимските олимписки игри во Сараево во 1984 година, со експонати, фотографии и предмети од тој период. Туристите ја посетуваат и олимписката боб и санкачка патека, која сега е исцртана со рази уметнички мотиви.

За љубителите на филмот, пак, тука како неизбежна станица е музејот „Валтер го брани Сараево“, посветен на култниот филм на режисерот Хајрудин (Шиба) Крвавац од 1972 година и преку оригинални реквизити, восочни фигури, сценографија и мултимедијални содржини ја оживува приказната за Валтер и отпорот на Сараево во Втората светска војна.

Музејот е уште една потврда дека филмот одамна стана дел од идентитетот на градот. Цената на влезницата е 6 евра.

Сараево не се доживува само преку неговите знаменитости, туку и преку местата каде што се собираат неговите жители. Во самиот центар на градот се наоѓа гастро-пабот „Вучко“, едно од најпознатите места за дружење. Инспириран од олимпискиот дух на Сараево од 1984 година, овој гастро-паб е препознатлив по богатата понуда на пива и по амбиентот што ги спојува традицијата и модерниот градски живот. За многумина е неизбежна станица по прошетката низ центарот на градот.

Сараевчани велат дека вистинскиот дух на градот најдобро се чувствува во малите кафулиња и во боемските собиралишта. Меѓу нив е и легендарното кафуле „Код Кека“, кое со години важи за место каде што се среќавале музичари, новинари, уметници и градски боеми. Токму ваквите локали придонеле Сараево да ја изгради репутацијата на град со силна алтернативна и рокенрол-култура.
Со оваа атмосфера често се поврзува и култната сараевска група „Забрањено пушење“, еден од симболите на движењето „Нов примитивизам“, што ќе остави длабока трага во културниот живот на поранешна Југославија.

Посебна приказна е и „ЈУ кафе“ во Илиџа. Уреден во духот на поранешна Југославија, со фотографии, музика и детали што будат носталгија, локалот е познат по живите свирки и вечерите исполнети со рок, поп и евергрин-музика. За многу посетители, тоа не е само кафуле, туку место каде што се чува сеќавањето на едно време и една заедничка културна сцена.
Токму затоа Сараево не е само град на знаменитости. Тоа е град во кој секоја улица и секоја кафеана имаат свој карактер и своја историја.

Во центарот на градот е и познатата „Сараевска пиварница“, која на некој начин претставува туристичка атракција бидејќи во рамките на комплексот се наоѓа и Музејот на пиварницата, кој ја раскажува историјата на градот низ традицијата на пиварството. За време на опсадата на Сараево, пиварницата имала посебно значење бидејќи нејзиниот извор бил едно од ретките места каде што граѓаните можеле да дојдат до вода. Денес е секојдневно посетена од обожавателите на пиво, кое може да се купи во специјална продавница по набавни цени.
Сараево не е град што се разгледува набрзина. Тоа е град што се слуша низ песните на „Забрањено пушење“, се чувствува мирисот на босанското кафе на Башчаршија и се доживува во разговорите што до доцна во ноќта се водат во старите сараевски кафеани. Токму затоа, секој што еднаш ќе го посети Сараево, заминува со чувство дека открил многу повеќе од туристичка дестинација – открил град со душа. Затоа многумина велат дека од Сареаво не се заминува рамнодушен – од него се носи приказна што долго останува да се раскажува. Можеби токму затоа оние што еднаш ќе го посетат, речиси секогаш му се враќаат.
Пандорка Арсова – Гацова / МИА

Македонски



