Skip to main content
Јанис Карасавас од грчката групата „Десетте бузуки на Домна“

Музиката нема татковина, ајде да се бомбардираме со песна, со сликарство, со поезија и да се сплотиме

Приватна архива Јанис Карасавас/Локум-фест

Ајде заемно да се бомбардираме со музика, сликарство, архитектура и поезија. Само на овој начин ќе продолжиме напред како жив вид и како луѓе – вели во разговор со дописничката на МИА од Атина, Јанис Карасавас, член и основач на грчката група „Десетте бузуки на Домна“, во пресрет на нивниот настап на „Локум-фест“ во Битола.

Најпознатиот грчки музички инструмент – бузукито, а во конкретниот случај не едно, туку десет, првпат доаѓаат во нашата земја на 16 јули во Хераклеја, каде што со концерт ќе го отворат 20-тото јубилејно издание на балканскиот етнофјужн-фестивал „Локум-фест – музика и традиција 2026“.

Под ѕвезденото небо на Античкиот театар публиката ќе ужива во уникатен музички спој на традиција, емоција и виртуозност преку звуците на 10 бузуки, гитара, контрабас и впечатливи вокални изведби, како и танцувачка група! – соопштија организаторите.

Музичкото патување на десетте бузуки почнува од малата историска таверна „Домна“ во Солун, вклучена и во името на групата, а Карасавас за МИА објаснува дека настапот во Битола е нивно прво претставување надвор од границите на Грција, порачува дека „музиката нема татковина и преку универзалниот јазик ги обединува народите и општествата“ и додава дека тоа ќе го сторат и на концертот врз основа на, како што вели, зборовите на познатиот грчки поет Јанис Рицос: „Ние не свириме за да се издвоиме, свириме за да го сплотиме светот“.

Тој вели дека музиката, за него, е „димензија на комуникација, а не само уметност“, но и посочува дека со соседите имаат многу заеднички музички елементи.

Од историската таверна во Солун, „Десетте бузуки на Домна“ доаѓаат во Битола. Пред да се задржиме на концертот, како се роди идејата за групата?

Идејата за „10-те бузуки на Домна“ се роди во историската таверна „Домна“, која постои од 1943 година во стариот дел на Солун, каде што како редовен гостин бев импресиониран од аурата на местото и одлучив да донесам десет свирачи на бузуки, еден контрабас, една гитара, еден наратор и двајца пејачи и покрај тоа што просторот беше мал, со капацитет за 60-ина луѓе.

Која е филозофијата на вашата група?

Филозофијата на составот „10-те бузуки на Домна“ е да ги оживее спомените и звуците од времињата кога музичката уметност и уметноста да се пишуваат текстови во Грција ги обликуваа општеството и образованието.

Вашиот настап на „Локум-фест“ ќе биде и ваше прво претставување во соседната земја. Што значи ова за Вас и што може да очекува публиката?

Нашиот настап на „Локум-фест“ го означува нашето прво излегување надвор од Грција. Музиката нема татковина и преку универзалниот јазик ги обединува народите и општествата. Тоа ќе го сториме и ние врз основа на зборовите на Јанис Рицос: „Ние не свириме за да се издвоиме, свириме за да го сплотиме светот“.

„Локум-фест“ е фестивал посветен на традицијата и културното наследство. Колку, според Вас, се важни ваквите настани, особено со учество на уметници од други земји?

Фестивалот „Локум-фест“, како и повеќето други, има главна цел да обединува. Очигледно е дека нема врска со првенство и натпреварување и покрај учествата на многу земји. Овде на Балканот сите како народи имаме земено по нешто еден од друг. Така, на овие фестивали сите ние имаме сродство во уметноста што се вика музика.

Велат дека музиката функционира како мост меѓу народите. Сметате ли дека музичките традиции на двете земји имаат заеднички елементи?

Единствениот мост што ги обединува луѓето е уметноста и верувам дека музиката, како мајка на уметноста, го прави тоа сама по себе бидејќи таа, барем за мене, на крајот на краиштата, е димензија на комуникација, а не само уметност. И јасно е дека со нашите соседи имаме многу заеднички елементи, барем во музиката.

Дали сте запознаени со музичката традиција на соседната земја? Би биле ли заинтересирани за некаква идна музичка соработка?

Се подразбира дека како Балканец знам работи за нашата соседна земја, а се подразбира и дека соработката е таа што институционално ги обединува двата народи во комбинација со уметноста.

Кои се најголемите предизвици кога десет бузуки делат иста сцена?

Предизвиците се кога се обидуваме да свириме рамноправно еден со друг како музичари и бузукисти. Но главниот предизвик е задоволството на публиката кон нас, кога успеваме да ѝ понудиме нешто што ќе ја воодушеви.

Кои се вашите планови во иднина?

Кога човекот прави планови, Господ се смее. Сепак, уметникот се храни од своите соништа и од искрениот аплауз што ќе го добие. Како музички состав, би сакале да одржиме и турнеи во Европа. Мислам дека тоа не е многу далечно по оваа голема можност што ни ја даде Клери Колцида (од канцеларијата за јавна дипломатија во грчката амбасада во Скопје) и премногу сме ѝ благодарни за тоа.

За крај, која е порака што би сакале да ја испратите во пресрет на концертот?

Пораката што ја испраќаме е следна: Ајде заемно да се бомбардираме со музика, сликарство, архитектура и поезија. Само на овој начин ќе продолжиме напред како жив вид и како луѓе.

Сања Ристовска – дописничка на МИА од Грција