
Јужноафриканскиот селектор Хуго Брос го потврди своето заминување по двонеделна неизвесност дали ќе остане на должноста откако прв пат во историјата ѝ донесе пласман на репрезентацијата во нокаут фазата на тековното Светско фудбалско првенство.
Пред почетокот на Светското првенство, Брос најави дека ќе се пензионира, но откако Јужна Африка загуби од Канада во осминафиналето на 28 јуни, наведе дека не е сигурен во својата одлука и оти можеби ќе биде во искушение да остане на селекторската должност.
Сепак, 74-годишниот Брос ја потврди првичната одлука, навестувајќи оти би можел да ѝ помогне на јужноафриканската репрезентација во улога на советник.
Дали ќе продолжам да бидам селектор? Не, одлуката е конечна. Ако им бидам потребен за нешто друго, можеби за скаутинг, тоа е друга приказна. Но, фудбалот повеќе нема да биде дел од мојот живот 24 часа на ден.
Веќе разговарав со претседателот на Јужноафриканската фудбалска федерација. Тој би сакал да ме задржи, но во друга улога, како советник или нешто слично. Ќе се вратам на крајот на овој месец за да се збогуваме последен пат. Љубопитен сум да видам што ќе предложи“, додаде белгискиот стратег кој ја предводеше Јужна Африка од 2021 година и ја однесе репрезентацијата на Светско првенство по пауза од 16 години.

Македонски



