Skip to main content

Влатко Миладиновски пред концертот на Хераклеа: За мене кавалот е најмакедонскиот инструмент

Античкиот театар Хераклеја во Битола на 29 јули ќе биде епицентар на македонската музичка традиција. Еден од најемотивните и најпрепознатливите вокали на нашата фолк сцена, Влатко Миладиноски, подготвува спектакуларен концерт под отворено небо. Придружуван од импозантниот оркестар на неговиот брат, маестро Златко Миладиноски, кој брои дури 30 врвни музичари, Влатко ветува незаборавна вечер посветена на автентичниот македонски дух и безвременските рефрени. Со специјални гости од естрадата, но и уметници од Егејска Македонија кои настапуваат за првпат, Хераклеја ќе пулсира во ритамот на македонското срце.

Што претставува Хераклеја како сцена за еден изведувач на традиционална македонска музика?

Хераклеја е од историско значење за нашата земја, исто како и нашата чиста македонска музика. Голема е симболиката но и магијата што од тоа посебно место ќе одекнат нашите песни.

На сцената ќе бидете придружуван од оркестарот на Вашиот брат Златко Миладиноски, составен од дури 30 врвни музичари. Колку е комплексно да се усогласи вака масовен состав?

Бидејќи тие 30 музичари се професионалци, тоа воопшто не значи дека е лесно, но Златко секој инструмент го искористува на вистински начин и секој еден доаѓа до израз. А впрочем ова веќе е четврти концерт во серија со истиот состав, мислам дека веќе и по природен пат налегнаа музичките работи на сцената

Најавивте уникатни сценски надополнувања. Може ли да ни откриете дел од визуелниот концепт на вечерта?

Сценографијата и видеоанимациите како и секогаш ја прават врвните Зоран и Македонка Тошевски кои што и овој пат дизајнираа посебна сценографија за тој концерт…Верувајте дека ќе биде вистинско уживање!

Од каде се роди љубовта кон македонската народна песна во Кичево?

Љубовта кон народната македонска песна и општо кон татковината,ја наследивме директно од нашите родители кои што буквално не воспитале така и не задоиле со таква љубов.

Како школувањето во Битола, Скопје и Штип го обликуваше Вашиот вокал?

Секако дека е важно музичкото образование не само на вокалот туку и на комплетното функционирање во музиката.

Свирите тамбура, пијано и гитара. Кој инструмент најмногу Ве опушта?

Најмногу ме опушта кога свирам на пијано, а додека кога сум слушател , најмногу го сакам звукот на кавалот! За мене тој е најмакедонскиот инструмент, а за мене има и дополнително огромно значење бидејќи мојот татко свиреше на кавал и тој е првиот музички звук што сум го слушал во домашна атмосфера и претпоставувам мојата прва музичка платонска љубов.

Како функционира тимот Миладиноски на сцена и во студио?

Во студио Златко е двигателот и кога е во прашање и начинот на интерпретација, додека на сцена тој е моторот кој што не движи а јас сум тој кој што напред ги презентира песните и управува со атмисферата.Така некако би го опишал тоа иако е тешко да се дефинира.Најважното но и пресудното нешто е тоа што и двајцата се внесуваме максимално во нашите проекти и со огромна љубов ја работиме оваа работа или дејност.

Дали некогаш имате креативни несогласувања околу аранжманите на песните?

Скоро да немаме бидејќи имам потполна доверба во тој дел од работата кој што е негов. Единствено несогласување е што јас сакам секогаш да е побрзо а тој сака да е подобро

Често истакнувате дека пеете исклучиво македонски песни. Зошто тоа Ви е важно?

Па напротив, јас воопшто не го истакнувам тоа, туку само одговарам на тоа често истакнато прашање од страна на новинарите и секогаш додавам доза на чудење зошто е тоа толку чудно за вас кај мене.

Која Ваша авторска песна ја сметате за своја лична карта?

Драго ми е што на секое одредено поминато време има одредена песна што ми ја лепеле како лична карта и искрено се надевам дека и понатака ќе се раѓаат нови песни кои што ќе се лепат за мене како лична карта.

фото: приватна архива

Поврзани вести