Skip to main content

ДЗР: За мерките за вработување исплатени 23,4 милиони евра, но распределбата не е по принципот на рамномерен развој

За активните мерки за вработување во 2024 година исплатени се 1.442.207 илјади денари (23,4 милиони евра), но при распределбата не е обезбеден принципот на рамномерен регионален развој – покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРСМ).

Повеќе од половина од средствата кај одделни мерки се концентрирани во мал број центри за вработување, односно 62,05 отсто од мерката самовработување и над 50 отсто од мерките субвенционирање плати и вработување и раст на правни субјекти реализирани се во само неколку градови – Скопје, Тетово, Струга, Куманово и Пробиштип, а другите добиле значително помал удел.

Ревизорите констатирале неправилности и неусогласености во работењето на АВРСМ и изразиле мислење со резерва за реалноста и објективноста на  финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики за 2024 година.

– Во 2024 година преку АВРСМ исплатени се 1.326.958 илјади денари или приближно 21.541.526 евра за паричен надоместок во случај на невработеност, од кои за паричен надоместок 876.960 илјади денари (14.236.364 евра) и за материјално обезбедување 449.998 илјади денари (7.305.162 евра), што претставуваат 40,6 % од вкупните расходи на АВРСМ во 2024 година. Исплатите за паричен надоместок се повисоки за 27,13 проценти, односно за 187.148 илјади денари во однос на 2023 година – посочуваат од ДЗР.

Поврзани вести