Skip to main content

Четири лица повредени во напад во училиште во Германија, уапсен 16-годишник

Најмалку четири лица се повредени во инцидент во средно училиште во германскиот град Шонгау, во сојузната покраина Баварија, а полицијата приведе 16-годишно момче осомничено за нападот.

Според германските медиуми, нападот се случил околу пладне во гимназијата „Велфен“, по што била покрената голема полициска операција во која учествувале бројни полициски екипи и хеликоптери. Осомничениот по кратко бегство бил пронајден и уапсен.

Првичните информации од безбедносните служби укажуваа дека четири лица се повредени, додека подоцна баварската полиција потврди дека најмалку две девојчиња се здобиле со тешки повреди, но нивните животи не се во опасност. Истрагата за точниот број на повредени и околностите под кои се случил нападот сè уште е во тек.

Полицијата соопшти дека засега се работи со претпоставка дека осомничениот дејствувал сам. Веднаш по инцидентот бил воспоставен кризен центар за родителите и семејствата на учениците, а граѓаните биле повикани да ја избегнуваат областа околу училиштето додека трае увидот.

Германските власти засега не соопштуваат можен мотив за нападот. Според информациите што ги пренесуваат германските медиуми, истрагата е во почетна фаза и се утврдуваат сите околности на случајот.

Поврзани вести