
Младиот графички дизајнер и визуелен автор Кеј Зеќировиќ го објавува „Наши“ – нов „направи сам“ (DIY) фанзин, посветен на алтернативната уметничка и музичка сцена во Македонија. Изданието е создадено под менторство на Бојан Шашевски, како дел од резиденцијалната програма „Градски ѕид за Нови Лица“ во Лабораториум.
„Наши“ претставува авторско визуелно истражување на независната македонска музичка сцена, спојувајќи графички дизајн, фотографија, интервјуа и визуелно раскажување во публикација што ја слави DIY културата и локалното независно творештво.
Кеј Зеќировиќ е дел од новата генерација автори кои својот креативен израз го развиваат низ повеќе визуелни медиуми. Покрај графичкиот дизајн, работи со фотографија, колаж, илустрација, дигитален и традиционален цртеж, а својата практика во сито печатењето ја развива преку работата во Партизанска Штампа. Во последните години гради препознатлив визуелен јазик, обележан со експресивна, алтернативна и намерно „хаотична“ естетика, инспирирана пред сè од музиката и независната културна сцена.
Промоцијата на фанзинот ќе се одржи во четврток на 9 август 2026 година, во Лабораториум, со почеток во 20 часот.
По претставувањето на фанзинот, бендот „Малард“ ќе предводи импровизирана џем-сесија, на која и публиката ќе може активно да се вклучи и да станае дел од автентично музичко искуство што ги отсликува вредностите на независната сцена: заедништво, спонтаност и колективно творештво.
Фанзинот „НАШИ“, како дел од иницијативата „НОВИ ЛИЦА“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.

Македонски



